Министерот за транспорт Александар Николоски денеска информираше дека се реализирани 18 километри пристапни патишта кои не биле опфатени во првичните планови за автопатот Охрид–Кичево, со цел граѓаните од регионот да добијат полесен и побрз пристап до новата патна инфраструктура.
При посетата на Општина Дебрца, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, Николоски посочи дека преку дополнителна работа и ангажман биле обезбедени решенија за поврзување на населените места од Струга, Дебрца и Охрид со автопатската делница.
„Направивме 18 километри пристапни патишта кои претходно не биле предвидени, затоа што нашата цел е инфраструктурата да им служи на граѓаните. Не е доволно само да се изгради автопат, потребно е луѓето од околните населени места да имаат лесен и безбеден пристап до него“, истакна Николоски.
Како дел од овие активности, во Општина Дебрца се работи и на реконструкција на локалниот патен правец Мешеишта–Волино, кој ќе овозможи подобра поврзаност на повеќе населени места со автопатот Охрид–Кичево.
Од Министерството за транспорт посочуваат дека инвестициите во локалната патна мрежа се насочени кон подобрување на секојдневното движење на граѓаните, подобра поврзаност на општините и создавање услови за регионален развој.
„Градиме во секоја општина во Македонија“, порача министерот Николоски, нагласувајќи дека инфраструктурните проекти се реализираат со фокус на потребите на граѓаните.
НИКОЛОСКИ: ИЗГРАДИВМЕ 18 КМ ПАТИШТА ШТО НЕ БЕА ПРЕДВИДЕНИ ЗА ДА ИМ ОЛЕСНИМЕ НА ГРАЃАНИТЕ!
1 Min Read

