Охридскиот регион засега останува на Листата на светско наследство на УНЕСКО, откако Комитетот за светско наследство одлучи да не го впише на Листата на светско наследство во опасност. Наместо тоа, Македонија и Албанија добија дополнителен период за спроведување на препораките насочени кон подобрување на заштитата на природното и културното наследство.
Во донесената одлука, Комитетот повторно изразува сериозна загриженост поради континуираниот урбанистички притисок, нелегалната градба, инфраструктурните зафати, загадувањето и недоволната имплементација на мерките за заштита на Охридскиот регион.
УНЕСКО бара двете држави да продолжат со исполнување на препораките, меѓу кои се зајакнување на институционалната заштита, подобрување на управувањето со регионот и преземање конкретни активности за зачувување на неговите исклучителни универзални вредности.
Македонија и Албанија имаат обврска да достават извештај за постигнатиот напредок до 1 февруари 2026 година. Врз основа на тој извештај, Комитетот повторно ќе ја разгледува состојбата на Охридскиот регион и ќе оцени дали се исполнети препораките или ќе бидат потребни дополнителни мерки.
Иако одлуката значи дека Охрид го задржува престижниот статус на светско наследство, УНЕСКО јасно укажува дека тоа не претставува оценка дека проблемите се надминати. Организацијата потенцира дека е неопходно итно и доследно спроведување на препораките за да се обезбеди долгорочна заштита на едно од најзначајните природни и културни богатства во Европа.
ОХРИД ГО ЗАДРЖУВА СТАТУСОТ НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО, УНЕСКО БАРА КОНКРЕТНИ РЕФОРМИ
1 Min Read

