Деновиве во одморашилтето Михајлово во близина на Кавадарци летуваат 60 деца од Украина, заедно со девет наставници. Сите тие доаѓаат од Никополскиот реон, дел од Украина кој е тешко погоден од војната и каде постојано се случуваат бомбардирања и гранатирања од руска страна.
Станува збор за деца на возраст од 11 до 17 години, а дел од нив во војната ги изгубиле своите родители, браќа, роднини…
Иницијатор и покровител на овој настан е кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, со неговата семејна компанија Кожувчанка, а од Украинската Амбасада за Викимедиа раскажуваат дека немаат доволно зборови да ја искажат својата благодарност, не само за обезбеденото летување на украинските деца, туку и за целата поддршка која уште на почеток на војната им ја пружил Јанчев.
-Доволно е да спомнеме дека учениците се деца кои дојдоа во Михајлово од Никополскиот реон, заедно со нивните наставници. Значи, се работи за реон каде секојдневно се врши бомбардирање и гранатирање од страната на Русите.
Учениците пристигнаа во Михајлово со автобус на 16-ти јули, и ќе останат се до 31-ви јули. Овие две недели подалеку од војната и од сите лоши случувања, исполнети со разни забавни и културни активности се лек за нивните трауми! Помеѓу децата има такви кои изгубиле родители, браќа, роднини, и чии животни приказни воопшто не се лесни.
Овде, во Михајлово, самата природа, гостопримливоста и дружбата со овдешните деца, значи премногу за нив.
Господинот Јанчев се погрижи секојдневно да се организираат активности за учениците, ги носат во Кавадарци на плоштад каде е во тек програмата на Кавадаречкото културно лето, ги носат во посета на знаменитости од овој крај, секој миг им е исполнет, раскажуваат од ПР службата на Амбасадата.
Додаваат дека не ја забораваат хуманоста и емпатијата кон нивниот народ која ја покажал Јанчев, кога уште на почеток на војната, кога голем дел од Украина остана без вода, веднаш донирал огромни количини на вода за пиење од неговата компанија Кожувчанка. Исто така, тој донираше и генератор, со кој украинската општина Буча доби непрекинато водоснабдување и струја.
-Нашата Амбасада има одлична соработка со господинот Јанчев, кој досега покрена бројни иницијативи за помош на украинскиот народ. Неговата компанија Кожувчанка се покажа како крајно одговорна и е светол пример во општеството.
Конкретно за учениците на кои им го овозможи летувањето, безгрижните игри со нивни врсници, учество во кошаркарски натпревар исто така со нивните врсници – кошаркари од Кавадарци, секоја една забавна активност, за нив, а и за сите нас е бесценета.
Се заблагодаруваме од име на Украинската Амбасада, но и од име на целиот украински народ, ни изјавија од Амбасадата.
Групата ученици од Украина си заминува од Михајлово на крајот на месецот, а пред тоа во одморалиштето ќе организирале забава, на која на свој начин ќе се заблагодарат за гостпримството и убавите спомени кои ќе ги понесат со себе.
Вики Клинчарова