На овој ден, кога се одбележуваат 62 години од разорниот земјотрес во Скопје, не можам, а да не се присетам на трагедијата која ја доживеа моето семејство, за Викимедиа раскажува популарниот фолк пејач Мишко Крстевски.
Тој открива дека името го добил по неговиот прв братучед Мишко, кој загинал во земјотресот на 15-годишна возраст, а за да биде трагедијата поголема, во земјотресот загинале и сестрата и мајката на братучедот, односно тетката и братучедата на Крстевски.
-Јас сум роден во Скопје на 21-ви јули. Кога се случил земјотресот, со мајка ми се уште сме биле во болницата во Скопје. За жал, починаа мојата тетка Дара, сестра на татко ми, заедно со нејзините две деца, Мишко кој имал 15 години и Солунка, која имала само 12 години.
Настанот беше голема трагедија за целото семејство. Тетинот остана сам, беше во многу тешка состојба долги години после тоа. Баба ми, мајка на татко ми и на тетка ми Дара, која беше многу блиска со тетин ми, имаше многу широка душа и по некое време започна да му кажува на тетин ми дека треба да се ожени, да формира семејство, за да не остане сам.
Таа, иако ги изгуби ќерката и внуците, мислеше на доброто на зетот, сакаше тој да ја надмине трагедијата и да започне нов живот. Но, тетин ми долго време одбиваше и да помисли на нешто такво.
Сепак, на крај тој повторно формираше семејство, а ќерката која ја доби во бракот со втората сопруга ја крсти Солунка, во спомен на братучеда ми. И она кое е доста впечатливо, тој се ожени со жена која исто така во земјотресот изгубила дете и сопруг!
Бидејќи сите отсекогаш бевме блиски како семејство, ние останавме во постојан контакт со тетин ми се до крајот на неговиот живот, а исто така и со неговата ќерка Солунка сме тука едни за други, раскажува Крстевски.
Вели дека тој и неговите две сестри се родени во Скопје, каде имаат бројни роднини, а неговите родители од Скопје се преселиле во Неготино, бидејќи такви биле времињата, татко му тогаш се вработил во првата Ветеринарна станица во Неготино, а пак мајка му во банка. Но, и покрај тоа што живееле во Неготино, редовно оделе во Скопје и ја одржале близината со роднините кои живееле таму.
Денес и Мишко со семејството живее во Скопје. Се уште е активен на сцената, и учествува на многу домашни фестивали. Покрај фестивалите, има редовни настапи и во локали во Скопје, а наредниов период заминувал на мини-турнеја низ Европа.
-Деновиве ја снимам песната со која ќе настапам на фестивалот Охридски трубадури, во студио снимив и други песни со кои периодов учествував на повеќе фолк фестивали. Не е исклучена можноста сите овие нови песни да се најдат и на албум, вели музичарот.
Иако е присутен на сцената со децении наназад, тој важи за скромен естраден уметник, кој ретко се експонира во јавност со приказни од личниот живот. Како што вели, она кое има да го каже, преку песна и го пренесува на публиката.
Вики Клинчарова
Мишко Крстевски раскажа потресна приказна за земјотресот: Името го добив по братучедот кој загина под урнатините заедно со неговите мајка и сестра!
3 Mins Read
Previous ArticleИсчезнатиот неготинец последен пат бил забележан како се движи кон спортската сала во градот: Шест дена нема траг од Димитар!
Next Article Вежба на МВР предизвика паника во Охрид!

