Јавноста се уште е во неверување од трагичната вест за смртта на младиот бизнисмен и спортист Душко Чифлиганец, кој денес почина по мото несреќа, која се случила вчера во Брно, Чешка.
Само еден ден пред несреќата, тој гордо објави дека неговата семејна компанија Адора и Завар ја освоиле светски признатата BIG SEE Interior Design награда, за колаборацијата на апартхотелот на Златибор.
21st Century Zlatibor Residence, Spa & Wellness by Adora е реализиран хотелско-резиденцијален комплекс со пет ѕвезди, сместен во Србија, а со целокупното управување и оперативно водење на комплексот се занимава Adora Hospitality Group.
По повод наградата, младиот Чифлиганец за порталот Точка.мк раскажал дека хотелот втора година по ред бил оценет како најпосетена локација на Златибор според Booking.com – рецензиите, што за него и за тимот на Адора претставувало огромно задоволство.
Исто така, тој открил и дека во тек на овој месец ќе го претставеле и нивниот нов резиденцијален проект во самиот центар на Љубљана, каде повторно ќе се потруделе да го дадат најдоброто од себе.
За освоеното признание пак, истакнал дека е резултат на голема посветеност, иновација и бескомпромисен фокус на креативноста и квалитетот во процесот на создавање на еден навистина уникатен простор. Тој јавно му се заблагодари на секој работник, инженер, архитект, дизајнер и сите останати што го дале својот труд и знаење во тој подвиг.
Јавното обраќање кое го објави на социјалните мрежи еден ден пред да се случи насреќата, го заврши со зборовите дека иднината носи предизвици кои тие ги нарекувале можности.
-Очекувајте нови убави работи наскоро, гласи последната јавна објава на младиот бизнисмен и хуманист.
Деск