Неготино наредниот период започнува со реализирање на повеќе инфраструктурни проекти, помеѓу кои и реконструкција на градскиот плоштад, како и изградба на кружен тек на улица Маршал Тито на спој со улица Партизанска, веднаш до плоштадот, во близина на местото каде своевремено функционираше култното Кафе Корзо.
Како што се сеќаваат повозрасните неготинци, Кафе Корзо беше ресторан во чиј склоп работеше и продавница, а пред локалот беше изложена скулптура на дете кое мокри. Откако на почетокот на осумдесеттите години објектот беше срушен, мистериозно исчезна и скулптурата на ,,Неготинчето”, како што ја нарекуваа граѓаните, која инаку била дело на неготинскиот скулптор Лазар Илиев.
Сега, со најавената реконструкција на тој дел од градот, доаѓа и интересна приказна за ,,Неготинчето” кое било случајно пронајдено пред околу 20 години, и пак ќе биде поставено во центарот, односно на кружниот тек кој наскоро ќе почне да се гради.
Горан Цветков од Неготино е човекот кој ја нашол скулптурата, и за Викимедиа раскажува за настанот.
-Во близина на градот, кај споменикот на Манчо Малиминов имам штала и често одам таму. Пред повеќе од 20 години затекнав глетка која ми ја заледи крвта во жилите. Видов нешто завиткано во вреќа, изврзано и фрлено во грмушките, и првата мисла ми беше дека станува збор за труп на дете. Се приближив, го допрев, и сфатив дека се работи за нешто многу тешко. Кога започнав да ја отстранувам вреќата, останав без зборови, гледав во неверување и само кажав – Еве го неготинчето!
Тоа е култната скулптура која го красеше Кафе Корзо со години, покрај неготинчето генерации и генерации пиеа кафе, бидејќи ресторанот беше отворен 24 часа, во близина беше Автобуската станица, постојано имаше луѓе.
Од она кое го знам, скулптурата мистериозно исчезна околу 1982 или 1983 година, кога се реконструираше тој дел на градот и кога беше срушено Кафе Корзо. Цели 20 години никој не знаеше каде е и што се случи со неа, иако беше симбол на градот.
Го земав неготинчето, веднаш му се јавив на тогашниот градоначалник Ванчо Апостолов и му кажав што најдов. Го замолив да се најде соодветно место во центарот на Неготино и истата скулптура пак да биде поставена, но не наидов на некој голем интерес од негова страна. Предлагаше да ја постави во близина на спортската сала Младост, бидејќи било најавено ново инфраструктурно решение за централното подрачје, но јас отсечно му кажав дека скулптурата ќе ја дадам само ако добие соодветно место во центарот, како и што заслужува.
И на наредниот градоначалник Тони Делков му го понудив неготинчето, но за жал, и од негова страна немаше некој посебен интерес, и така остана работата, раскажува Цветков.
Вели дека дури сега, за време на градоначалничкиот мандат на д-р Горан Стојанов, наишол на вистинска реакција и се понудило решение какво што очекувал.
-Со еден збор, кога на сегашниот градоначалник Стојанов му кажав за скулптурата и му пратив фотографии од неа, тој вети дека ќе биде поставена на централно место во градот, како што доликува за еден ваков споменик кој има огромно културно и емотивно значење за неготинци. Ова е дел од нашата историја, од историјата на градот, и драго ми е што ете, се најде некој кој тоа умее да го цени.
Сега неготинчето е сместено во магацин на ЈП Комуналец, и се надевам дека наскоро и новите генерации ќе можат да го видат ова уметничко дело покрај кое се создаваа бројни спомени во минатото, вели Цветков.
Додава дека останува мистерија каде била скулптурата од почетокот на осумдесетите години, се до почетокот на 2000-те, но среќен е што токму тој е човекот кој ја пронашол и ја зачувал, бидејќи како повозрасен неготинец, одлично го знаел нејзиното значење. Потсетува дека слична скулптура има и во Брисел, само што е со помали димезнии, додека неготинчето е високо околу 110 сантиметри. Станува збор за скулптурата Манекен Пис, која датира од околу петнаесеттиот век и е симбол на белгискиот главен град. Според преданието, била наменета да ги потсетува граѓаните на детето кое ги изгаснало огновите запалени од непријателот, мокрејќи врз нив од градските ѕидини. Претпоставка е дека создавањето на неготинчето било инспирирано токму од Манекен Пис.
За крај, додава дека како што скулптурата во Брисел има огромно културно значење и се одржува, така да се чува и неготинчето и да остане симбол на градот и за идните генерации.
И од Општина Неготино за Викимедиа потврдуваат дека неготинчето повторно ќе го краси градот. По изградбата на новиот кружен тек, ќе бил поставен постамент, односно основа врз која ќе стои скулптурата.
-Повозрасните генерации многу добро се сеќаваат на оваа уникатна скулптура која го красела Кафе Корзо и била препознатлив знак на градот. Веднаш штом ме контактираше нашиот сограѓанин Горан Цветков, без двоумење му кажав дека неготинчето ќе добие место какво што заслужува и драго ми е што имаме сограѓани како него, кои мислат на заедницата и вложуваат напор да ја направиме нашата општина поубаво место за живеење.
Доколку се оди според предвиденото темпо, градежните работи во центарот, односно реконструкцијата на плоштадот и изградбата на кружниот тек ќе започнат за околу 35 дена, а би требало да завршат по четири до пет месеци, кога ова значајно уметничко дело повторно ќе биде поставено во централното подрачје на градот, односно ќе им се врати на неготинци, ни изјави градоначалникот д-р Горан Стојанов.
Вики Клинчарова