Се изнаигравме и се изнапеавме со Харис Џиновиќ, за ВИКИМЕДИА раскажуваат беровчани, кои синоќа биле присутни на манифестацијата Етно Плоштад, на која настапи популарниот музичар.
Беровчани пак, кои живеат и работат во странство, а се вратиле во Македонија за летниот одмор, раскажуваат дека откако ја виделе забавната програма за фестивалот и гостите кои треба да настапат, решиле да го продолжат престојот во Македонија за неколку дена, со цел да бидат дел од големата општинска прослава.
-Сите генераци ги знаат песните на Џиновиќ, и тој оправдано го преполни плоштадот. Одлично си поминавме и за време на концертот на Амадеус Бенд, и покрај тоа што тие на некој начин се миленици на помладите генерации. Ги следевме деновиве јавните полемики околу тоа дали на општински манифестации треба да гостуваат исклучително домашни изведувачи, но од она кое го проследивме на манифестацијата во Берово, дури и македонските изведувачи кои гостуваа, изведоа српски песни. Музика е ова, а личниот избор на секој човек , околу тоа каква музика слуша и на кои песни најмногу може да се расположи, воопшто не го одредуваат неговото национално чувство. Го продолживме престојот во Македонија за уште неколку денови поради концертот на Џиновиќ, и не згрешивме, одлично си поминавме во дружба со блиските луѓе, забавувајќи се и пеејќи заедно, ни изјавија беровчани кои веќе утре заминувале во Германија, каде подолг период живееле и работеле.
И беровскиот градоначалник Звонко Пекевски за ВИКИМЕДИА вели дека фестивалот Етно Плоштад и Саемот на традиционални производи Малешевијата на дланка, поминале одлично. Синоќа, за време на настапот на Џиновиќ имало над 10.000 посетители, а за целата организација била задолжена општината, од каде решиле да не ангажираат агенција и самите да се погрижат за фестивалските настани.

-Драго ми е што целиот настан ни донесе многу гости и помина во најдобар ред. Јас, како градоначалник, не сум тој кој кажува дали беше добро, тоа е на народот да го каже, а според посетеноста и атмосферата која владееше во Берово, имавме успешен фестивал. Големи се и локалните економски придобивки, бидејќи со засилено темпо работеше секој објект во градот, локалите беа преполни, маркетите имаа зголемен обем на работа, едноставно, градот заживува во овие денови.
Околу тоа колку средства изнесуваше целокупната организација на настанот, се уште ги немаме финалните бројки, но се работи за сума од околу 30.000 евра. Овде спаѓа бината, озвучувањето, осветлување, хонорарите на музичките гости, помеѓу кои имаше диџеји, Мики Секуловски, Инструментал Бенд, Харис Џиновиќ, Амадеус Бенд, Андријана Петрушовска…
Сите јавни институции овие денови максимално ја покажаа својата подготвеност, а градот ја покажа својата гостопримливост за бројните посетители кои ни дојдоа, вели Пекевски.
Додава дека настапот на Џиновиќ се вбројува во оние кои предизвикале најголем интерес, после гостувањата на Северина и Здравко Чолиќ во минатото, кои имале рекордна посетеност.
Вики Клинчарова

