Зоран Јованов, татко на Васил Јованов кој пијан и без возачка дозвола ја усмрти Фросина Кулакова (22), пред Основниот кривичен суд во Скопје вчера изјавил дека не разбира што точно му се става на товар и дека не се чувствувал виновен.
Тој е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, по настанот во кој неговиот син, управувајќи автомобил без дозвола и под дејство на алкохол, ја усмрти Кулакова додека минувала на пешачки премин во Скопје, во јануари годинава.
Како потсетување, Зоран Јованов се товари за делото бидејќи во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година свесно му дозволувал на својот син да управува возило пежо 207, иако знаел дека нема возачка дозвола и дека претходно направил повеќе сообраќајни прекршоци и кривични дела.
Васил Јованов бил сторител на сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, а во текот на 2023 и 2024 година сторил 11 сообраќајни прекршоци, меѓу кои возење без возачка дозвола, управување под дејство на алкохол и непочитување на сообраќајните правила. На крај, се случи и трагичната сообраќајка во која животот го изгуби Кулакова.
Обвинителството смета дека таткото со своите постапки создал опасност за животот на луѓето, иако бил свесен за можните последици.
Кривичното дело „загрозување на безбедноста во сообраќајот“, носи казна до една година затвор или парична казна.
Ноќта, кога се случи трагедијата, Васил управувал возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко. Како што тогаш соопшти обвинителството, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето.
Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улица „29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.
Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала.
Во мај годинава Основниот кривичен суд Скопје му изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов откако тој призна вина за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
В.К.
Јованов, чиј син без возачка дозвола сторил 11 сообраќајни прекршоци и сообраќајна несреќа, а во јануари ја усмрти Кулакова, не разбирал за што точно е обвинет
3 Mins Read

