Денес во Кавадарци започна традиционалната манифестација Тиквешки гроздобер 2025, која беше отворена со поставената Гроздоберска трпеза на улицата Илинденска.
Празничната трпеза е новитет на настанот, и беше исполнета со традиционални кавадаречки специјалитети – пишии, маџун, грозје, а присутните ги забавуваа и музичари.
-Веруваме дека оваа убавина ќе прерасне во нова традиција што секоја година ќе го збогатува духот на Гроздоберот и ќе не потсетува на заедништвото, вкусот и радоста на нашиот крај, велат од организацијата на настанот.
Настаните во склоп на гроздоберот продолжуваат во тек на целиот ден, а вечерва во Парк на револуцијата ќе настапат Трио Мањифико.
На градскиот плоштад пак, концерти ќе одржат Диџеј Oky Doky, Тајзи и Теодора Џехверовиќ.
Во деновите 05, 06, 07 и 08-ми септември, паркирањето на сите јавни паркиралишта во Кавадарци е бесплатно за сите корисници, а секој посетител на влезот во градот ќе добие на подарок пакетче со трпезно грозје.
Деск

