Синоќа, на последната вечер во склоп на манифестацијата Тиквешки гроздобер 2025 во Кавадарци, пред бројната публика од цела земја за првпат настапи популарната српска пејачка Марија Шерифовиќ. Уште со самото излегување на сцената, сеедно дали сте љубител на нејзината музика или не, неспорен е фактот дека станува збор за моќен вокал, за емоција која излегува од секој нејзин отпеан стих, но и за еден вид на спонтана харизма испреплетена со огромна професионалност.
Таа пее од дното на својата душа, и тоа едноставно не може, а да не се почувствува. Додје во лежерно издание, со црна маица и црни карго пантолони, сосема неоптеретена од желбата некого да го импресионира со својот изглед, а сепак остави силен впечаток на присутните уште при првиот рефрен.

Во постојана комуникација со публиката, со едно чувство како да е дома, помеѓу своите, Марија го започна концертот, кој во тек на вечерта беше прекинат во два наврати.
Првиот прекин се случи при изведбата на втората песна, кога таа ја запре музиката и побара да се направи пат за безбедно да биде изнесена девојка од првите редови на која и се слошило, со цел побргу да и биде пружена соодветна помош од здравствените тимови.
Потоа, вториот пат, Шерифовиќ ја запре музиката кога во публика забележа мало момче кое продаваше балони. Побара од него да дојде до бината, и ги купи сите балони, а момчето си замина расположено поради добрата зделка и завршената работа за таа вечер.
Овие, можеби мали гестови на човечка емпатија, без оглед на тоа што се наоѓаше на големата сцена, ја покажаа широчината на нејзината душа. Освен што ги пееше своите големи хитови, Марија во Кавадарци и искрено се дружеше со публиката, внимателно следејќи што се случува пред бината и трудејќи се сите кои и направиле чест и дошле да ја слушаат, да се чувствуваат убаво и да понесат убави спомени од настанот.
Нејзниот концерт заврши со спектакуларен огномет, од кој таа и самата се воодушеви и го сними со мобилниот телефон.
После Шерифовиќ, на сцената застана Харис Џиновиќ, кој го затвори годинашното издание на Тиквешки гроздобер.
Вики Клинчарова

