Откриено е местото и саниран е дефектот на водоводната мрежа на улица Индустриска, соопштија од ЈП Комуналец Неготино.
Како што појаснуваат, во моментот се вршело чистење и хиперхлирирање на цевководот, во делот каде што имало проблеми во изминативе денови. Сепак, се уште е активна забраната за употреба на водата за пиење.
-Во тек на вчерашниот ден и денес беа земени мостри за анализа од страна на Центарот за јавно здравје Велес. Во понеделник повторно ќе бидат земени примероци. Ги известуваме граѓаните дека водата не е за пиење, ниту за приготвување на храна, и забраната може да биде актуелна во текот на цела недела.
Дополнително ќе ја известиме јавноста кога ќе може да се консумира водата, за ВИКИМЕДИА изјавија од ЈП Комуналец.
Додаваат дека проблемот бил од техничка природа, а дополнително имало влошување на целата ситуација поради граѓаните кои варат ракија и ги ставале цревата во резревоарите за ладење, па од таму доаѓало до повлекување на водата во градската мрежа.
В.К.

