По големиот пожар кој ја зафати фабриката Винчини во Виница, и во кој беа повредени повеќе лица кои учествувале во неговото гасење, се огласи штипскиот пожарникар Александар Ѓоргиевски. Тој се здоби со тешки изгореници при интервенцијата, а сега, како што раскажува за ВИКИМЕДИА, лошиот период бил зад него и веќе бил пуштен на домашно лекување.
Вели дека сака јавно да се заблагодари на кочанската болница и на целиот персонал, на сопствениците и менаџментот на фабриката Винчини, како и на штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

-Лошото искуство е зад нас, кои завршивме со повреди, давајќи се од себе да го ставиме пожарот под контрола. Сега сум во одлична состојба, ногата која ми беше со тешки изгореници заздравува и сум пуштен на домашно лекување, а одам и на редовни преврски во болницата во Штип.
Преблагодарен сум на целиот болнички персонал во болницата во Кочани, кои го дадоа својот максимум. Имавме навистина професионален, а пред се човечки третман, од страна на сите вработени.
Исто така, се заблагодарувам и на сопствениците и на менаџментот на Винчини, кои доаѓаа да не посетат додека бевме хоспитализирани и од срце сакаа да помогнат. Ни понудија дури и сместување во приватна болница, кое лично јас го одбив, бидејќи бев презадоволен од третманот во Кочани.
Не ја заборавам ниту човечноста на штипскиот градоначалник Иван Јорданов, кој праќаше возило за да ме носи на преврски и назад, многу ми значи подадената рака во овие моменти. Искрената грижа кои сите тие ја покажаа навистина ми беше потребна, не само мене, туку и на останатите кои бевме повредени при гасењето на пожарот, вели пожарникарот и хуманист Александар, кој стои и зад хуманитарната организација ,,Подај рака, спаси живот”.

Додава дека во вакви моменти излегува на виделина солидарноста и емпатијата, и дека луѓето кои во тежок период ќе ти понудат помош и ќе покажат искрена грижа, се оние кои ја враќаат вербата во човештвото.
Вики Клинчарова

