Градскиот плоштад во Неготино е подготвен за одржувањето на општинската манифестација Неготинска музичка вечер, која ќе започне во 21.30 часот. Веќе се поставени високи маси пред бината, кои угостителите ги изнајмуваат по цени од околу 10.000 денари, па се до 6.000 денари, во зависност од положбата. Поради големиот интерес, сите капацитети веќе биле резервирани.
Покрај Милица Павловиќ, која ќе биде главна музичка ѕвезда, свои настапи ќе имаат и Жаре Бербер и Диџеј Тодороф, а водител ќе биде Стефан Лазаров.

Од општината изјавија дека очекуваат масовна посетеност од сите градови, но поради проблемот со водата за пиење, со кој се соочува градот неколку дена, и за која има строга забрана за употреба, гостите најверојатно ќе треба со себе да си понесат вода.
Забраната ќе остане на сила и во наредните денови, односно според ЈП Комуналец може да трае и цела недела, токму во деновите кога во градот се случуваат централни манифестации. Покрај Неготинска музичка вечер, утре се одржува и традиционалната Манастирска вечер, а пак од недела започнува Неготински панаѓур.
Панаѓурот ќе трае до вторник, и градот ќе биде полн со посетители, но и со трговци кои имаат изнајмено штандови и кои додека се во градот спијат во автомобилите, или пак под тезгите. Околу тоа како ќе се снаоѓаат без вода, и дали евентуално од општината ќе се дели вода за пиење, се уште нема официјална информација.
Освен што е забранета за пиење, водата е забранета и за употреба во готвење, бидејчи истата има мирис и вкус од непознато потекло, кое треба да го утврди Центарот за јавно здравје Велес.
В.К.

