Познатиот изведувач Жаре Беребер беше првиот музички гостин на општинската манифестација Неготинска музичка вечер која синоќа се одржа на градскиот плоштад во Неготино. Расположен на сцената, тој го започна настапот со изведба на популарни српски песни, но по околу половина час, на кратко го прекина настапот, за да слушне што му довикуваат од првите редови од публиката.
-Жаре, дај нешто македонско, доста е со српско, му подвикнаа присутните, на што тој ги праша кои македонски песни сакаат да ги слушнат.
-Песните од Тоше ги сакаме, му одговорија, по што Жаре ја изведе ,,Излажи ме уште еднаш” од Проески, а потоа продолжи со блок од македонски хитови од Меморија, Куку леле, како и обработки од Некст Тајм.
Потоа повторно му се врати на екс Ју репертоарот, за да вечерта сепак ја заврши со евергринот на Гоце Николовски, ,,Бисер Балкански”.
-Музиката нема граници, но кога ни гостуваат македонски пејачи, очекуваме репертоарот да им биде составен од македонски песни, беа коментарите на дел од присутните.
По настапот на Жаре, на сцената дојде главната музичка гостинка, Милица Павловиќ, која настапи со свои песни, како и изведби на хитови од нејзини колеги, а ја испеа и ,,Јовано, Јованке” со која предизвика овации кај публиката.
Целата манифестација помина во добро расположение и со огромна посетеност. Во публиката имаше гости од сите краеви на земјата, и градскиот плоштад беше полн со весели лица. Околу безбедносниот аспект, беа вклучени голем број на професионални екипи, и до објавата на веста нема информации за евентуални инциденти.
Настаните во Неготино продолжуваат и вечерва, кога се одржува Манастирска вечер, а пак од недела започнува тридневната манифестација Неготински панаѓур.
Вики Клинчарова
Жаре Бербер ја започна Неготинска музичка вечер со српски песни, публиката го прекина: Доста е, дај ни нешто македонско!
2 Mins Read

