Центарот за Јавно здравје Велес во понеделник повторно ќе земе мостри за анализа од водата во Неготино, која се уште е забранета за пиење и приготвување на храна. Веќе неколку дена наназад неготинци пијат флаширана вода и приготвуваат храна со истата, бидејќи водата од чешмите има непријатен мирис и вкус.
Од ЈП Комуналец појаснија дека причина за тоа е дефект кој од вчера е саниран, а сега се вршело чистење и хиперхлирирање на цевководот. Дополнителен проблем настанал бидејќи граѓаните кои вареле ракија ги ставале цревата во резервоарите за ладење, па од таму доаѓало до повлекување на водата во градската мрежа.
Забраната за употреба на водата за пиење доаѓа во лош период, бидејќи во градот се одржуваат централни манифестации поврзани со традиционалниот Неготински панаѓур, и има голем број на посетители.
Од вчера, актуелни се поплаки на граѓаните кои консумирале од водата од чешмите дека имаат стомачни тегоби, а истовремено, актуелни се и апели до локалната власт, да постави цистерни со вода на повеќе локации во градот, како и да се дели флаширана вода за време на панаѓурот кога во Неготино доаѓаат илјадници посетители.
В.К.
Во понеделник пак ќе бидат земени мостри од водата за пиење во Неготино, забраната за употреба останува!
1 Min Read

