Регионалната музичка ѕвезда Дино Мерлин синоќа одржа концерт на Градскиот стадион во Штип, а настанот ги урна рекордите на посетеност во земјава. Според проценките кои веќе се објавуваат во регионалните штипски медиуми, тој успеал да собере околу 130.000 луѓе.
Негови обожаватели од цела земја вчера се упатија во Штип, и како што раскажуваат дел од нив, во колони се чекало за влез во градот, но исто така со часови се чекало и за излез, по завршувањето на концертот. Како што велат, исто како на грчка граница, во ек на туристичка сезона, но чекањето се исплатило, бидејќи Дино максимално професионално си ја завршил работата, и концертот поминал во одлична атмосфера.
Поради неговото доаѓање во Штип, уште пред една недела беа потполнети сите сместувачки капацитети, па се бараа хотелски соби и во околните градови.
Како ниту еден политичар порано, за време на партиски митинг, или пак на протест организиран поради било која причина, Мерлин го собра македонскиот народ на едно место.
Настанот важи за еден од најпосетените во поновата историја на Македонија, а масовноста на публиката е показател дека кога е во прашање добра забава, не е проблем да се стартува автомобил и да се дојде на било кој крај на земјава.
Кога станува збор за протести пак, кои досега во земјава се одржувале поради трагедии и неправди, кои настанале поради институционални пропусти и корумпираност, не се случило македонскиот народ да покаже ваков интерес, и така масовно да се собере на едно место.
В.К.
Previous ArticleСе бара притвор за осомничениот кој праќал смртни закани до неготинскиот градоначалник и му барал 3.000 евра
Next Article Убави вести од Кавадарци: Беби-бум во градот!

