Неготинецот М.Ј. (29), кој е во притвор и за кого ОЈО Кавадарци поведе истражна постапка за кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 19 (во обид), како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик, најавуваше црно сценарио за Неготинска музичка вечер, која се одржа на градскиот плоштад во петокот.
Освен што му се заканувал на неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов, со пораки со смртни закани испратени на официјалната електронска пошта на општината, истиот испрати дел од заканувачките пораки и на официјалната електронска пошта на веб порталот ВИКИМЕДИА. Пораките до медиумот најверојатно беа испратени со цел истите да ги објавиме, и да се предизвика вознемиреност помеѓу населението.
Во последната порака која пристигна на адресата на ВИКИМЕДИА во доцните часови во четвртокот, ден пред одржувањето на манифестацијата Неготинска музичка вечер, заканувачот потпишан како ,,Радикали Неготино” најавуваше црно сценарио за време на настанот.

-Вмровска вечер во Неготино за збогум! Утре, 19.09, на неготинската вечер, ќе биде означен почетокот на падот на дпмне во Неготино, на наш начин. Нашите намери се остварливи, а криминалците, партиските паразити, сместени во удобните фотељи и злосторници ќе платат скапо за своите злодела. Милост ќе нема. Бидете спремни, пишува во пораката.
За пораките ВИКИМЕДИА алармираше кај надлежните лица во Министерството за внатрешни работи.
Веќе наредниот ден добивме неофицијална потврда од наши извори дека лицето кое стои зад заканите е откриено, а потоа во тек на ден, односно околу 16.00 часот, како што соопштија од МВР, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода.
Ова не е прв судир со законот за М.Ј. кој заврши во притвор и годинава во март, бидејќи во период од 12-ти септември лани до 25-ти февруари годинава преку Вибер и Фејсбук настојувал да обезбеди контакт со градоначалникот во обид да го принуди да издејствува повлекување кривична постапка.
Тогаш тој на градоначалникот му испраќал текстуални пораки, линкови и фотографии со заканувачка содржина, и покрај тоа што против него се водела претходна кривична постапка за присилба, и му биле изречени мерки на претпазливост, односно забрана за воспоставување на комуникација со градоначалникот.
По повод последниот настан, од МВР соопштија дека по целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
В.К.

