Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека се обезбедува дополнителна механизација за чистење на улиците од сметот. Со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски, потпишале договор за изнајмување на дополнителна механизација и опрема, и порача дека граѓаните не смеат да бидат заложници на нечија негрижа.
-Обезбедивме дополнителна механизација за чистење на улиците и сметот, ги преземаме работите во наши раце. Заедно со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски потпишавме договор за изнајмување на дополнителна механизација и опрема. Со ова зајакнување на капацитетите, покажуваме дека и во услови на институционална блокада, интересот на граѓаните е на прво место.
Граѓаните на Центар не смеат да бидат заложници на нечија негрижа. Наша должност е да им обезбедиме чисти улици и достоинствено урбано живеење. Затоа обезбедивме дополнителна механизација за поефикасно справување со отпадот и одржување на јавната хигиена, истакна Герасимовски.
Деновиве тој постојано е на терен, каде со 120 хигиеничари се чисти натрупаниот смет во Центар.
-Иако ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје повторно потфрлија и го оставија целиот град затрупан во смет, ние не дозволуваме проблемите да останат на грбот на граѓаните.
Продолжуваме динамично колку што ќе стигнеме да исчистиме за да ги средиме сите населби, една по една. Се надевам дека градската власт конечно ќе си ги преземе обврските и ќе го направи градот почист. Ако не, ние повторно ќе ја завршиме работата за Центар да биде чист и безбеден за сите, порача тој синоќа, додека до доцна по полноќ се расчистувало ѓубрето околу контејнерите.
В.К.
Герасимовски го решава проблемот со сметот со дополнителна опрема: Граѓаните не смеат да бидат заложници на нечија негрижа!
2 Mins Read

