Во пожар кој синоќа избувнал пред објект во зграда во центарот на Неготино, а потоа се проширил и делумно го зафатил објектот, како и надворешни делови од четири станови, помеѓу граѓаните е актуелно прашањето дали се работи за намерно подметнат пожар. Неготинци се во очекување на одговор од страна на надлежните служби, а истовремено се благодарни на брзата акција на противпожарната служба од градот, која спречи голема катастрофа, бидејќи на катовите во зградата живеат голем број на семејства.
Од она кое се знае досега за пожарот, истиот настанал пред деловен објект, каде дента се редела роба, а објектот се подготвувал за наскоро отворање. Пред објектот биле оставени празни кутии од робата, од каде најверојатно започнал пожарот, кој потоа се проширил. Се работи за познат продажен ланец – Синсеј, кој за првпат доаѓа во градот и е познат како доста конкурентен на пазарот, бидејќи нуди гардероба и обувки за сите возрасти по поволни цени, како и широк асортиман на производи за домаќинство. Службите за достава во Неготино пак, секојдневно разнесуваат пратки од брендот кој работи и онлајн, кој е доста популарен помеѓу граѓаните.

Токму поради тоа, граѓаните прашуваат дали евентуално некому му пречело доаѓањето на Синсеј во градот, па поради тоа пожарот бил намерно предизвикан. Од друга страна пак, актуелни се и претпоставки, дека можеби случаен минувач фрлил опушок од цигара, и така настанал пожарот.
Но, како што потсетуваат дел од граѓаните, уште кога минатиот месец беше најавено доаѓање на Синсеј во градот, на Фејсбук страницата посветена на општината ,,Неготино-прашања-изгубено-најдено-превоз-огласи” беа објавени повеќе коментари од анонимни корисници, во кои се тврдеше дека на брендот не му е местото во Неготино, дека наводно продава неквалитетна роба, и слични повици за бојкот на истиот.
Денес, тие коментари не можат повеќе да се најдат на страницата.
Сличен настан, за пожар позади објект на Синсеј беше евендитиран и во Велес, на почеток на мај годинава. Пожарот се случил во вечерните часови, кога била запалена сува трева зад објектот, а вознемирени граѓани пријавиле дека се шири чад над кровот на Синсеј. Истиот беше изгасен и не се прошири, а се случи само еден месец откако продавницата беше отворена на локацијата во близина на железничката станица во Велес.
Од Секторот за внатрешни работи Велес, по повод пожарот во Неготино, соопштија дека увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Неготино. Детали околу можната причина за настанување на пожарот се уште не се соопштени.
В.К.

