Огромен број на критики деновиве доаѓаат од битолчани, бидејќи до корен се исекло дрво во старата битолска чаршија, каде е предвидено да се постави спомен-обележје во чест на легендарниот пејач и композитор Јонче Христовски.
Уште кога пред неколку недели од Стопанска банка АД Битола соопштија дека по повод 75-години постоење ќе постават споменик во чест на Христовски во неговиот роден град, на влезот на старата битолска чаршија, започнаа да пристигаат јавните реакции, со кои битолчани бараа да не се сечи дрвото.
Сепак, од банката посочија дека дрвото ќе се дислоцира, но за да надоместат, ќе посаделе десет дрва во градот.

-Свесни сме дека на оваа локација ќе треба да се дислоцира едно дрво, но со голема одговорност и љубов кон нашиот град, се обврзуваме да надоместиме со садење на десет нови дрва во Битола. Веруваме дека на овој начин заедно ги чуваме природата и традицијата, додавајќи нова вредност во срцето на нашиот град, соопштија пред неколку недели од банката.
-Не е дислоцирано, туку е исечено. Цел град викаше НЕ за сечење на дрвото, ама никој не ги послуша граѓаните. Додека да се посадат нови дрва и додека тие дрва пораснат, ќе поминат најмалку 50 години, разочарано коментираат битолчани на социјалните мрежи.
-Не сме против поставување на спомениот, туку сме против уништување на природата, тврдат.
Инаку, Христовски е еден од најпознатите битолчани, кој зад себе остави богата ризница од песни, кои со тек на годините јавноста ги препознава како народни. Тој почина пред 25 години, на 69-годишна возраст.
В.К.

