За успешни млади земјоделци на Агросаемот кој се одржа во Струмица, во организација на ,,Проагро фармери” беа прогласени Васил Гавровски од струмичко Босилово, Кристина Тодорова од Неготино и Ристе Гоцевски од Моноспитово. Истите, од организаторите на агросаемот добиле симболични награди во земјоделска опрема.
Единствената жена помеѓу нив, Кристина Тодорова (27), која е дипломирана земјоделска инженерка, одгледува медицински печурки, а преработува и локални суровини во продукти. Таа на пазарот исфрли нов продукт ,,гаџун“ кој е спој на гроздов сок и габата Cordyceps sinensis, а посветено работи и на заштита и одржливо искористување на животната средина.
За ВИКИМЕДИА раскажува дека од мали нозе се занимава со одгледување на печурки, и редовно посетувала обуки, со цел да го надгради семејниот бизнис со печурките.

-Љубовта кон агрономијата ја развив затоа што уште од мали години се занимавам со одгледување на печурки. За време на студиите секојдневно посетував обуки за одржливо и органско земјоделство, како и за циркуларна економија, со цел да го надградам семејниот бизнис со печурки и да го развивам понатаму.
Моментално сум проектен координатор во здружението ЕКОВИТА, каде работиме на заштита и одржливо искористување на животната средина. Нашите активности се насочени кон развој на проекти поврзани со циркуларна економија, како што се одгледување на печурки и инсекти, со цел повторна употреба на органските отпадни материјали и создавање производи со додадена вредност.
Во рамките на нашата работа одгледуваме различни видови печурки, меѓу кои буковка, шиитаке, лавовска грива, маитаке и реиши, и организираме обуки за нивно одгледување и обработка, вели Тодорова.
За производот гаџун пак, појаснува дека е спој на традиционаниот производ маџун со додадена вредност од медицински печурки кои ги произведувале како шии таке, реиши. лавовска брада и др.
-Правиме спој со енергетскиот дел од грозјето и лековитите печурки. Исто така, во рамките на проектот ИННО ХАБ создадовме тестенини Мушрони кои се направени од локални брашна без глутен и со низок гликемиски индекс и додаток од брашно од медицински печурки, раскажа Тодорова.
Вики Клинчарова

