Вчера на 71-годишна возраст почина босанскиот фолк пејач Халид Бешлиќ. Со децении наназад беше популарен во целиот регион, а кариерата ја започнал случајно, наминувајќи во кафеана да се напие пијалок, додека го чекал автобусот кој ги превезувал работниците.

-Сосема случајно започна се. Го чекав автобусот кој не возеше нас, работниците дома, на село, и влегов во кафеана во близина. Таму имаше жива музика, а пријателите ме замолија и јас да отпеам нешто. Станав, го зедов микрофонот, а сопственикот на кафеаната се воодушеви. Ме праша чиј сум, дали татко ми би ми дозволил да настапувам кај него, дали би се налутил ако завршам во кафеана…
Четири години потоа пеев редовно во четири кафеани, бев популарен како кафеански пејач во Сараево, како што потоа станав популарен пејач на просторите на поранешна Југославија. Кога ја снимив првата песна, таа се слушаше во Сараево, но не и наоколу. Но сепак, од некаде мораше да се почне, раскажуваше Бешлиќ во постаро интервју.
Никогаш не криеше дека кафеаните биле најзаслужни за неговиот успех.
-Тогаш не можеше секој да пее во кафеана. Заработував четири пати повеќе од татко ми, кој беше сметководител во една фабрика. Се пееше секој ден, од 18.00 до 23.00 часот, не се чекаше викенд како сега, појаснуваше музичарот.
Тој зад себе остави 18 албуми и десетици хитови кои се пеат со децении. Почина на Оддел за онкологија, но не беа соопштени конкретни детали за болеста со која се бореше последните неколку месеци, кога беше хоспитализиран, а сите настапи му беа откажани.
Во Македонија последен пат гостуваше во септември 2023 година, во Кавадарци, на манифестацијата Тиквешки гроздобер.
Деск

