Граѓанскиот активист и новоизбран советник во Совет на Општина Неготино од редовите на МААК, Љубе Темелков, демантира дека ги навредил Ромите, со своето видео обраќање на социјалните мрежи пред неколку дена, кога во повеќе наврати го користеше изразот ,,Ѓупци”, обвинувајќи за изборен поткуп во неготински села.
Тој денес јавно го објави својот демант, во кој тврди дека за него зборот ,,Ѓупци” не е поврзан со Ромското население, туку бил синоним за нечесен човек, без оглед на неговата етничка припадност.
-Јас Љубе Темелков, ниту сум ги спомнал ниту навредил Ромите во Неготино.
После мојот прес е организирана хајка против мене за употреба на зборот ,,ѓупци” кој никако не е употребен во конотација да навреди ни една етничка група, туку да ги посочи поткопувачите на гласови кои ја менуваат сликата во Советот на град Неготино.
Во народот ѓупа е карактеристика за нечесен човек без разлика од која етничка заедница доаѓа.
Ако некоја етничка заедница се има препознаено во мојата изјава, тоа е грешка затоа што јас со тој збор не етикирам етникум, туку човечка особина на нечесност.
Љубе Темелков Советник на МААК во Неготино, обајви Темелков.
По неговото видео обраќање во кое го употребува зборот ,,Ѓупци”, Темелков во два наврати пријавил во полиција дека добивал закани од лица од село Криволак, поврзани со случајот.
На 21-ви октомври беше лишено од слобода момче од Криволак поради закани упатени до Темелков преку социјални мрежи, а пак вчера во полициската станица во Неготино бил извршен службен разговор со 57-годишен маж од Криволак, кој во угостителски локал му се заканувал на Темелков.
До денес, официјално од страна на Министерството за внатрешни работи немаше соопштение за евидентирана пријава против Темелков од ниту едно лице во врска со обвинувањата за навреди врз етничка припадност.
Граѓаните кои се почувствувале засегнати од неговото обраќање, на социјалните мрежи го напаѓаа и обвинуваа. Околу тоа дали како физичко лице, или пак во име на група на граѓани досега има пријави во МВР за навреди на етничка основа против Темелков, ВИКИМЕДИА побара одговор од Секторот за внатрешни работи Велес.
Од СВР Велес одговорија дека на 21.10.2025 во ОВР Неготино, три лица од село Криволак, неготинско, пријавиле дека Љ.Т. од Неготино, на социјална мрежа, имал снимено и објавено видео кое било јавно достапно, во кое имало невистини и навреди на национална основа.
Со Љ.Т. бил извршен службен разговор во просториите на ОВР Неготино и за истиот е известен Јавен Обвинител од ОВР Кавадарци. ОВР Неготино работи на расветлување на настанот, за што ќе биде поднесен соодветен поднесок, велат од полицијата, но соопштението за настанот не беше објавено во дневните полициски билтени.
В.К.

