Словенечката министерка за правда Андреја Катиќ и министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар му ги понудија своите оставки на премиерот Роберт Голоб, а тој ги прифатил. Оставките уследија по трагичниот инцидент во Ново Место, каде што 21-годишник претепа маж до смрт пред бар.
Голоб потврди дека ги прифатил двете оставки. Тој на социјалните мрежи изјави дека чувствува највисока должност да ја обезбеди безбедноста на сите граѓани и дека бара јасни одговори и конкретни мерки од властите.
-Насилството не се случува преку ноќ. Се раѓа во средина каде што казната не го следи делото, каде што правдата се одложува и каде што одговорноста ја губи својата смисла, порача Голоб.
Настанот се случил ноќта од петок кон сабота, кога еден човек беше брутално претепан пред угостителски објект во Ново Место, а подоцна им подлегна на повредите. Полицијата уапси 21-годишен осомничен.
Според неофицијални информации, настаните започнале кога младиот човек го повикал својот татко од клубот „Локал Патриот“, тврдејќи дека му се закануваат група луѓе и барајќи од него да дојде да го земе. Таткото, познат угостител, веднаш пристигнал.
Штом излегол од автомобилот, бил нападнат од група мажи, членови на ромската заедница, и се здобил со сериозни повреди на главата. Брзата помош успеала да го реанимира на местото на настанот, но неговата состојба била исклучително критична и бил однесен во болница. И покрај напорите на лекарите, човекот починал вчера кратко пред 22 часот.
По увидот на местото и интензивната истрага, детективите го идентификувале, лоцирале и уапсиле 21-годишниот осомничен вчера попладне. Поради истрагата што е во тек, полицијата засега не открива повеќе детали и за сè ќе го информира надлежното државно обвинителство.
Деск

