Легендата на македонското глумиште, Гоце Тодоровски, на 73 години се истетовира. Тетоважата е крст со ангелски крила, а како што вели за ВИКИМЕДИА, ја направил во чест на државната награда ,,23-ти Октомври” која му беше доделена за остварувања во областа на културата и уметноста.
-Многу ме израдува државната награда, која ја доживувам како големо признание за придонесот кој сум го дал во својата област, актерството, за нашата Македонија. Токму поради тоа, решив да направам една ваква, христијанска тетоважа, со крст и ангелски крила.
Мајсторот за тетоважи, Мате Парлов, одлично си ја заврши работата. За помалку од два часа се направи тетоважата, безболно беше, процедурата помина во забавна атмосфера.
Моите дома, се уште не знаат, очекувам каде и да е, да ги видат фотографиите во медиумите, вели Тодоровски.
Додава дека за него не е ништо чудно што на 73 години се истетовирал, затоа што на 69 години бил крстен во црква.
-Кога на 69 години ме крстија, зошто пак да не се истетовирам на 73? За мене годините се само бројка, важно е да го правам во животот она кое ме радува, без оглед на возраста. Мојата сопруга има пријателка која е голем верник, и кога случајно и кажав дека не сум крстен во црква, бидејќи татко ми своевремено беше воено лице, таа веднаш инсистираше да ме однесат во црква и да ме крстат. Се согласив, се направи и тој свет чин, и јас така гледам на работите, возраста е споредна работа, додека сме живи и здрави треба да си го живееме животот правејќи го она кое не исполнува, вели актерот.
Раскажува дека во минатото имал истетовирано црвен бик на рамото, бидејќи тоа бил неговиот хороскопски знак, но со тек на време тетоважата избледила, бикот ја изгубил формата, па затоа новата тетоважа ја направил на истото место, покривајќи ја старата.
-Овде застанувам, друга тетоважа нема да има. Но, веднаш штом ја покажав тетоважата на пријатели, му најдов двајца нови клиенти на мајсторот Парлов, кои импресионирани од мојата тетоважа, решија за првпат да се тетовираат. Краток е животот, сите да го правиме она кое не расположува, истакна Тодоровски за ВИКИМЕДИА.
Вики Клинчарова
Се истетовирав на 73 години, во чест на државната награда која ја добив, вели Гоце Тодоровски
2 Mins Read
Previous ArticleТешка сообраќајка во кавадаречко, едно лице загина
Next Article Избрани финалистите за ,,Автомобил на годината 2026”

