Денес, на верскиот празник Митровден, кавадаречко-неготинскиот бенд Ексклузив премиерно ќе ја пушти во етер песната за легендарната баба Митра од Неготино, за која е снимен видео запис во неготинскиот манастир Свети Ѓорѓи.

Како што раскажува вокалистот на бендот, Павле Лазов за ВИКИМЕДИА, сакајќи да ги оживеат подзаборавените песни за градот и за хероите од Неготино, се решиле да ја снимат обработката и видео записот за истата, а како идеална локација го избрале манастирот каде живеела бабата Митра, но и каде била жива запалена на крајот на Втората светска војна.
-Симболично ја промовираме песната на верскиот празник Митровден, кој истовремено е и празник на градот Неготино. Сакаме на помладите генерации да им ја пренесеме песната во едно ново руво, но со истиот дух, во аранжман прилагоден според поновите музички стилови, но и да ги потсетиме повозрасните генерации на оваа легендарна песна, за старицата – херој од нашиот крај, вели Лазов.

Инаку, според раскажувањата кои се пренесуваат од колено на колено, бабата Митра имала околу 90 години и живеела во манастирот, кога по завршувањето на војната, Германците кои го напуштале градот заробиле дваесеттина млади партизани, кои ја минирале пругата во близина на манастирот.
Бабата Митра слушнала дека Германските војници сакаат да ги запалат партизаните, кои биле затворени во неготинскиот манастир, па ги ослободила. Но, била забележана од Германците, по што биле убиени голем дел од партизаните, а бабата Митра била полеана со бензин и жива запалена. Била запалена и нејзината одаја во која живеела. Потоа, во 1972 година Сојузот на борците и изградил споменик во склоп на манастирот, кој неодамна беше реновиран.
Од Ексклузив Бенд, кој брои шест членови, од кои четворица се од Неготино, а двајца од Кавадарци, додаваат дека се надеваат како песната пак ќе заживее, и дека преку изведбата ќе се негува споменот на хероите, потсетување на корените и заедништвото, како и градење на мостови помеѓу генерациите.

Бендот, кој функционира една деценија, е познат по својот богат репертоар кој содржи забавни, но и народни песни, како од домашната, така и од регионалната музичка сцена. Има редовни настапи во ресторани, на свадби и на разни семејни веселби.
В.К.

