Во организација на Комората на приватно здравство на Македонија, вчера официјално беше отворен првиот HEALTH INNOVATION EXPO 2025 во хотелот „Александар Палас“. HEALTH INNOVATION EXPO 2025 го отвори Министерот за здравство Азир Алиу, кој ја означи експо-платформата како клучен двигател на иновациите и дигиталната трансформација, која е потребна во македонското здравство.
„Здравствениот систем на дваесет и првиот век не се гради само со ѕидови, со апарати и со процедури, туку се гради со податоци, со интеграција, предвидување и дигитална инфраструктура во здравството. Денеска ја поставуваме основата на заедничко делување на здравство кое учи здравство, кое анализира и реагира навреме. Здравство кое не чека да се појави проблем, туку здравство кое предвидува и ги спречува тие здравствени проблеми, рече на свеченото отворање министерот.
Овој настан и настаните кои ќе ги има во иднина значат многу повеќе од една заедничка средба меѓу професионалци и државни институции. Значи дека податоците ќе треба да се движат заедно со пациентот, а не пациентот со податоците. И ние мора да работиме во оваа насока. Значи дека лекарите ќе имаат целосна, точна и моментална инфраструктура на здравствената историја на секој пациент.“, истакна министерот Азир Алиу.
„Користењето на дигиталните протоколи и вештачката интелигенција и алгоритмите поврзани со здравствениот систем прават рано откривање на различни здравствени ризици, со кое што ние, за жал, се соочуваме секој ден. Тоа значи дека со дигитализација ќе имаме помалку чекање за пациентите, помалку непотребни хоспитализации на пациентите, повеќе време за реална грижа за пациентите, повеќе достоинство за пациентите. Затоа треба да работиме на дигитална трансформација на здравството, за да имаме стандардизација како држава, дисциплина како здравствени работници, професионализам како здравствени работници и обврска да служиме чесно и навремено за нашите пациенти.“ Ова беше дел од поздравниот говор на Министерот за здравство Алиу.
На свеченото отварање, претседателката на Комората на приватно здравство на Македонија, Доц. д-р Тања Дејаноска ја истакна важноста на приватното здравство во државата, како и директната поврзаност на приватното здравство со иновациите во медицината:
„Како Комора на приватно здравство сакаме да ја истакнеме важноста на приватниот здравствен сектор. Знаеме дека приватното здравство е столбот на нашиот здравствен систем. Зошто би се запрашале? Бидејќи матичните лекари се сите приватни, значи примарното ниво е целосно приватно. Поголемиот дел од лабораториските услуги се вршат во приватното здравство. Аптеките ни се сите приватни. Меѓутоа, како приватно здравство, исто така сме препознатливи и по имплементација на нови современи технологии, особено дигиталните технологии. Токму затоа се организиравме со нашите партнери и спонзори на овој настан, да опфатиме една значајна тема во нашиот здравствен сектор, кои можеби некои ќе ја наречат иднина. Меѓутоа, тоа се повеќе е сегашност, а тоа се дигиталните технологии и делот на телемедицината.“ рече Доц. д-р Тања Дејаноска претседателка на Комората на приватно здравство на Македонија,
Иновациите во медицината, стоматологијата и фармацијата, примената на вештачка интелигенција во здравствената пракса, како и телемедицина и дигиталните здравствени системи беа клучни теми на денешното отварање. На самиот настан свои производи и услуги промовираа повеќе компании од областа на приватното здравство, стоматологијата и фармацијата. Ваков настан во државата се оддржува по речиси 20 години и е од интерес за 5.500 приватни здравствени установи, над 30.000 здравствени работници во приватниот сектор и 33.000 вработени во јавниот здравствен систем.
Саемот продолжува и во текот на денешниот ден.
Деск

