Еден од регионално најпрепознатливите бендови кој изведува познати грчки мелодии – Бузуки Бенд, синоќа направи еуфорична атмосфера во Велес, во ,,Офицерски”, каде се бараше влезница повеќе за да се ужива во шоуто кое го приредуваат овие естрадни уметници.

Бендот е составен од моќниот вокал – Рада Јаневска, Трајче Ставревски и Ристо Лазов, кои перфектно звучат заедно и со години наназад се одлично уигран тим, кој никого не остава рамнодушен.

Ако во изминатите години можеа најчесто да се слушаат во хотел Фламинго, Гевгелија, сега, последниве неколку години, тие се бенд кој се бара ширум цела земја, како и во соседна Србија. На задоволство на публиката, гостуваат во градовите во Македонија, а нивните настапи не поминуваат без традиционалното грчко кршење на тањири.

И синоќа во Велес, подот беше преполн со искршени тањири, а бројната публика во еден глас со нив ги пееше хитовите со грчки мелос, кои делумно ги изведуваат и на македонски или српски јазик, бидејќи истите имаат многу преработки од регионалните музичари.
Покрај настапите, кои се вистинска атракција, Бузуки Бенд се актуелни и со новиот проект, песната ,,Магија” за која музиката и аранжманот ги направи Трајче Ставревски, додека текстот е на Рада Јаневска.

За ВИКИМЕДИА, тие велат дека енергијата на сцената ја црпат токму од публиката, која по секоја изведба ги наградуваше со аплауз. Расположените и распеани луѓе околу нив, моментите кога се препуштаат на музиката и забораваат на секојдневието, за членовите на бендот, како што раскажаа, биле мотив плус, на секој настап да го дадат најдоброто од себе.
Вики Клинчарова

