Францускиот режисер Тјери Поке и виолончелистот Ерик Лонгсворт работеа на уметничкиот перформанс ,,Нашите иднини”, заедно со ученици и професори од билингвалните паралелки од СОУ Свети Кирил и Методиј Неготино.
Како што раскажува за ВИКИМЕДИА Драган Трпковски, координатор на билингвалните паралелки и професор по француски јазик во неготинската гимназија, станува збор за спектакл кој комбинира наука, музика, поезија и уметност.
-Овој несекојдневен спектакл се одржа во Домот на културата во Неготино во саботата, и истиот ја води публиката на едно необично патување во земјата на астрочестичките и суперновите, на растенијата што комуницираат преку звучни фреквенции и киборзите што ги имитираат луѓето во долината на чудното. Покрај перформансот, минатата седмица во гиманзијата се спроведоа и низа на други активности и настани, вели професорот.
Додава дека се одржала годишна средба на средните училишта од Македонија со билингвална франкофонска настава со присуство на директорот на Францускиот институт од Скопје, г-от Грегоар Жислер, ги посетил амбасадорот на Франција во Македонија, Ле Риголер, а бил организиран и семинар од францускиот режисер Тјери Поке.
-Имавме многу активности и значајни настани. За време на посетата на амбасадорот Ле Риголер се одржа и врачување на обновениот бренд LabelFrancEducation, бренд што ја валоризира важноста и работата на билингвалните паралелки во целиот свет. Училиштето го поседува овој бренд од 2016 година, а беа врачени и сертификати за познавање на францускиот јазик од ниво А1 до ниво Б2 на 38 ученици и професори од билингвалните паралелки.
Во склоп на училиштето функционира акредитиран испитен центар за евалуација на познавањата на францускиот јазик, појаснува Трпковски.
За семинарот организиран од францускиот режисер Тјери Поке со професори по француски јазик од општина Неготино, Кавадарци и Демир Капија и со професори од билингвалниот актив од училиштето, раскажа дека исто така е настан од голема важност, а училиштето и во иднина продолжувало да работи на културни програми со цел поддршка за Франкофонијата во општината.
Вики Клинчарова

