Откако поранешниот градоначалник на Општина Неготино, д-р Горан Стојанов за ВИКИМЕДИА демантираше дека подигнал кредит во висина од околу 1,7 милиони евра, и дека купил мотоцикл за 1,6 милиони евра, податоци кои се јавно објавени на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), и тврдеше дека станува збор за грешка, се огласија и од ДКСК.
За ВИКИМЕДИА, од комисијата истакнуваат дека податоците кои се објавени на нивната официјална страница се идентични како што д-р Стојанов ги навел во Изјавата и одговорноста за нивната вистиност ја снослел лично тој. Од ДКСК вршеле проверки на изјавите единствено доколку се водела постапка против екс градоначалникот.
-Ве информираме дека по направената проверка на наведените износи во Изјавата за имотна состојба и интереси поднесена од страна на Горан Стојанов, градоначалник на Општина Неготино, во електронскиот систем, како и на јавно објавените податоци на веб страната на ДКСК, констатирано е дека износите наведени во новинарското прашање се идентични како во Изјавата.
Во однос на точноста и вистинитоста на податоците во Изјавата за имотна состојба и интереси, одговорноста ја сноси лицето кое ја поднесува Изјавата, а за верификација на истите би потврдила ДКСК доколку се води постапка против истото лице, за ВИКИМЕДИА истакнаа од Државната комисија за спречување на корупцијата.
Инаку, поранешниот градоначалник се најде во центарот на вниманието по објавата на податоците од страна на ДКСК, бидејќи станува збор за високи суми на пари.
Како што тој појасни за ВИКИМЕДИА, лани подигнал кредит во висина од околу 16.000 евра, а пак мотоциклот БМВ го купил за сума од околу 11.000 евра. Тврди дека сумите објавени на страницата на комисијата се неточни, но не реагирал бидејќи било очигледно дека станува збор за печатна грешка.
Исто така, тој стави крај и на шпекулациите дека гради приватна клиника, и порача дека останува во јавното здравство, како доктор специјалист во ЈЗУ Неготино, посветен на своите пациенти.
Вики Клинчарова

