Голем број на купувачи денес го дочекаа отворањето на објектот на брендот Синсеј во Неготино, кое беше одолжено повеќе од два месеца, поради пожарот кој се случи на 26-ти септември.
Во продавницата на познатиот ланец, кој за првпат доаѓа во градот, се нуди широк асортиман на производи по доста конкурентни цени, од облека и обувки за сите возрасти, до производи за домаќинство.
-Чекав половина час во редот за плаќање, вели жена од градот, но на крај вредеше чекањето. Купив одлични производи достапни за сечиј буџет, и добро е што во Неготино се случува нешто ново. Тоа што многу неготинци едвај го дочекаа отворањето на брендот, кажува доволно, овде луѓето се желни за нешто ново, интересно, бидејќи долг период владее монотонија, вели нашата соговорничка.
Додека внатре имаше голем број на жени од сите генерации, пред врата на продавницата пак, можеа да се забележат голем број на чадори, бидејќи и дождливото време не ги поколеба купувачите да ја посетат продавницата на првиот ден од отворањето.
Инаку, првично отворањето требаше да се случи на почетокот на октомври, но во вечерните часови на 26-ти септември избувна голем пожар, првин пред објектот кој се подготвуваше за отворање, и истиот се проширил во објектот, а опожари и надворешни делови на четири станови, бидејќи е сместен во станбена зграда. Станарите беа евакуирани, а само поради брзата интервенција на противпожарната служба беше спречена голема катастрофа.
Иако од тогаш поминаа повеќе од два месеца, јавноста до денес не дозна дали се работеше за намерно подметнат пожар, или пак истиот бил предизвикан поради нечие невнимание. Во последната изјава од СВР Велес за ВИКИМЕДИА, дадена две недели по настанот, истакнаа дека се преземале оперативно тактички мерки и дејствија со цел расветлување на настанот, односно истрагата била се уште во тек. По комплетирање на документацијата, ќе била доставена до надлежното ОЈО во Кавадарци.
В.К.
Previous ArticleНОВАТА ,,САРА” ГО ВРАТИ СТАРИОТ СЛАТКАР!
Next Article МЛАДО МОМЧЕ ПРОНАЈДЕНО ПОЧИНАТО ВО СЕМЕЈНИОТ ДОМ

