Додека премиерот Христијан Мицкоски убедува дека Македонија нема да прими ниту еден илегален мигрант и во земјава нема да никне ниту еден шатор за сместување на мигранти, СДСМ веќе започна со онлајн петиција против отворање на центри за мигранти во земјава.
Шпекулациите дека власта планира да отвори мигрантски бази започнаа откако во повеќе влијателни британски медиуми се објави веста дека има можност за потенцијални договори со Македонија и други балкански земји, мигрантите да бидат префрлени во “центри за враќање” во трети земји на Балканот, што би испратило сигнал до другите мигранти од земјите Авганистан, Еритреја, Судан и други, дека сепак можат да бидат депортирани од Обединетото Кралство, дури и ако не е изводливо да се вратат во своите матични земји.
Според пишувањата во британските медиуми, како Телеграф, Дејли Меил, Сан и други, во балкански земји каде евентуално би биле прифатени, мигрантите би биле охрабрени да побараат азил или да добијат работни визи во сектори каде што има голем недостиг на работна сила, како што е градежништвото на пример.

Сепак, дали било кој мигрант, кој се упатил во потрага по подобар живот во европска земја со висок стандард, би прифатил да живее и работи за просечна плата во Македонија или друга балканска земја?
Во изминатите години, кога имаше таканаречени поголеми бранови од мигранти кои транзитираа преку Македонија, дел од редакцијата на ВИКИМЕДИА во повеќе наврати разговараше со повеќе мигрантски групи.
Речиси сите беа одлучни дека нивната крајна дестинација е Германија или пак Британија. Многумина од нив, раскажуваа дека првин оди еден член од семејството, а потоа, доаѓале и останатите, со цел да го продолжат животот во развиена и безбедна европска земја.
-Да можеме, Македонија би ја прелетале! Вашата земја ни е една од најризичните за транзитирање. Многу од нас токму овде биле ограбени и претепани. Со ланци да не врзат, овде не би седеле, раскажуваа мигранти од Сирија и Авганистан пред неколку години, а кои беа дел од групите на кои пред неколку години им беше дозволено со велосипеди да транизираат низ Македонија, па застануваа попат да одморат.
-Нам ни се случи, застанавме во продавница во мала општина во Македонија, преморени од патот и од жештините да купиме сладолед, ја гледаме цената, околу 50 денари, а продавачите ни го наплатија десет евра. Се печали на нашата мака, нормално дека ќе гледаме што побргу да ја напуштиме земјата, ни раскажаа тогаш Сиријци, кои ги сретнавме додека одмораа на бензинска станица во Неготино.
Појаснуваа и дека за половните велосипеди кои им ги продавало локално население при влез во земјата плаќале и по 500 евра, но од немајкаде биле принудени да ги купат по такви, превисоки цени.
Сите со кои тогаш разговаравме, беа едногласни дека не би сакале да останат во Македонија, туку нивната цел се развиените земји со висок животен стандард.
Во тој период го посетивме и домот на хуманистката Ленче Здравкин, кој беше место за одмор на илјадници мигранти кои минуваа покрај железничката пруга во Велес. И тие ја раскажуваа истата приказна, дека во ниту еден случај не планираат да останат во Македонија, туку брзаат што побргу да стигнат во развиените европски земји, каде сакаат да го продолжат животот.
Шпекулации дека мигранти ќе бидат доселени во Македонија имаше во повеќе наврати и во минатото. Во време кога започна проектот деинституционализација, во 2018 година, односно кога штитеници од Специјалниот завод Демир Капија се префрлаа да живеат во мали групни домови, актуелни беа шпекулациите дека наводно заводот се празни, за да стане дом на мигранти. И тогаш беа актуелни повици до населението да го крене гласот, бидејќи наводно, миграните ќе им ги земеле работните места на локалците. До денес, ниту еден мигрант не е сместен таму, ниту пак живее и работи во Демир Капија.
Кога станува збор за средбата на Мицкоски со неговиот британски колега Кир Стармер во Лондон, која се случи кон крајот на октомври годинава, од Владата објавија дека во делот на нелегалната миграција, било разговарано дека би биле добредојдени британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери, припадници на Армијата на Британија, да заедно со нашите припадници ја штитат нашата јужно-источна граница од нелегалната миграција и на тој начин да ја штитат и Европа. Отворање на мигрантски бази во Македонија, не беше спомнато дека било тема на разговорот.
Вики Клинчарова

