Родителите на починатите во трагедијата во „Пулс“ и граѓаните на Кочани оддадоа почит и дадоа поддршка на семејствата на жртвите од трагедијата во клубот „Ла Констелејшн“ во швајцарскиот град, Кранс-Монтана, каде на новогодишната ноќ, речиси на идентичен начин како и во Кочани, животот го загубија 40 млади лица.
Мајки на загинати младинци прочитаа писма до мајките на загинатите во Швајцарија, со кои им порачаа дека знаат како за нив нема утеха, но нема никогаш да бидат сами, бидејќи ги врзува истата болка.
-Вечерва зборувам од местото каде што мајчиното срце се крши и продолжува да чука само затоа што мора. Зборувам со глас што не е само мој — глас научен во ноќта кога чекањето престана да има смисла, кога надежта застана пред вратата и никогаш не влезе.
Знам што значи да чекаш чекор што нема да се врати, да гледаш во вратата и да знаеш дека таа вечер времето се скрши и повеќе не продолжи исто. Знам како тишината тежи повеќе од било кој крик. Како болката не вреска, туку тивко те распарчува ден по ден.
Вечерва вашите деца ги спомнуваме без глас. Со пламен што одбива да згасне. Со срца што се скршени, но сè уште умеат да сакаат.
Од една мајка до друга — ве држиме за раце. Не за да ве утешиме, зашто утеха нема. Туку за да не бидете сами во болката што нема име. Не сте сами. И никогаш нема да бидете.
Од Кочани, град што ги закопа своите соништа заедно со своите деца, ви испраќаме прегратка што не лечи — но сведочи. Нека почиваат во мир. Во светлина. И во љубов што не згаснува, гласи писмото кое го прочита мајка на загинато момче од Кочани пред присутните.
Деск
ПИСМО НА МАЈКИТЕ ОД КОЧАНИ ДО МАЈКИТЕ ОД КРАН МОНТАНА: ЗНАЕМЕ КАКО Е ДА ЧЕКАШ ЧЕКОР КОЈ НЕМА ДА СЕ ВРАТИ
2 Mins Read

