На 12 јануари 1969 година, беше објавен дебитантскиот албум на групата Led Zeppelin, едноставно насловен Led Zeppelin. Малкумина тогаш можеа да претпостават дека оваа плоча ќе стане една од темелните документи на модерниот рокенрол и почеток на една од највлијателните кариери во историјата на популарната музика.
Материјалот за албумот настанувал брзо и инстинктивно. Бендот ги увежбувал песните за време на кратка турнеја низ Скандинавија во летото 1968 година, веднаш откако Џими Пејџ ги напуштил Yardbirds. Во тој момент Led Zeppelin биле спој на спротивности: Пејџ, веќе етаблирана ѕвезда на лондонската сцена; Џон Пол Џонс, искусен студиски професионалец; и Роберт Плант и Џон Бонам, речиси непознати, сурови таленти кои претходно свиреле заедно во Band of Joy.
„Точно знаев што сакам да направам со овие момци“, зборувал Пејџ, кој сакал бенд во кој ќе има целосна уметничка контрола.
Снимањето на албумот траело само 30 часа студиска работа, распоредени во текот на три недели.
„Знам, затоа што јас ја платив сметката“, се присетувал Пејџ. Процесот често се споредува со легендарната сесија на Битлси за Please Please Me. Иако далеку од „голем концепт“, албумот бил експлозија од идеи, енергија и музикалност.
Уште на дебитантската плоча јасно се слушале сите елементи кои бендот ќе ги развива во наредните години: психоделичниот блуз во „Dazed and Confused“, френетичниот рокенрол „Communication Breakdown“, драматичните премини од нежност кон тежина во „Babe I’m Gonna Leave You“, како и фолк и класични алузии во „Your Time Is Gonna Come“.
Позајмиците од американскиот и британскиот фолк, блузот и раниот рок биле отворени и дрски, што подоцна создало репутација за Zeppelin како бенд кој не се двоуми да ги преобликува туѓите мотиви во нешто сосема ново. Звукот на албумот бил подеднакво револуционерен.
Пејџ ги распоредил микрофоните низ цело студио за да го фати суровиот, просторен амбиент, додека Глин Џонс ги поставил тапаните на Бонам на платформа, со што била нагласена нивната монументална сила. Сепак, зад таа сила се криела и прецизност: Бонам знаел да свири бавно и со мера, што, како што велел Џонс, е една од најтешките вештини во музиката.
Критиката во моментот на излегување била воздржана, често и негативна. Албумот бил опишуван како премногу гласен, груб и премногу потпрен на блузот. Она што тогаш не било препознаено била фактот дека се раѓа нов јазик на рокенролот — помалку угладен, но далеку поискрeн и помоќен. Публиката, меѓутоа, реагирала инстинктивно. Фановите веднаш ја препознале енергијата и автентичноста, а песните во живо добивале нови, поопасни димензии.
Led Zeppelin растеле од концерт во концерт, градејќи репутација која не зависела од новинарските рецензии. Денес, дебитантскиот албум на Led Zeppelin стои како доказ дека критиката често доцни зад времето во кое настанува музиката. Брзо снимен, без големи планови и без потреба од одобрување, овој албум стана темел на една од најголемите приказни во историјата на рокенролот — приказна која фановите ја разбраа многу пред критичарите.
Б.Н.
57 ГОДИНИ ОД ОБЈАВАТА НА ПРВИОТ АЛБУМ НА LED ZEPPELIN: ПРИКАЗНА КОЈА ФАНОВИТЕ ЈА РАЗБРАА ПРЕД КРИТИЧАРИТЕ!
3 Mins Read

