Интернет кампањата Супорт Кочани, преку која се собираат донации за засегнатите од трагичниот пожар во Кочани, деновиве информираше дека е извршена трета распределба на донации. Покрај транспарентно објавеното известување за донациите, од иницијативата откриваат дека досега, за сите три распределби на донации, на име персонален данок државата наплатила околу 370 илјади евра.
Како што објавија на својата страница, вкупно 142 лица потпишале изјава за потреба од помош и биле вклучени во последната распределба.
-Сите средства за третата распределба на донации потекнуваат од Македонска православна епархија за Европа, и ослободени од провизија од НЛБ Тутунска Банка. Вкупно се донирани бруто 3.153.204 денари, и тоа за 123 лица по 15.968 денари нето и за 19 лица по 45.992 денари нето, известуваат од иницијатвата.
Од таму додаваат дека на оваа донирана сума на име пресонален данок се исплатени вкупно 315.292 денари.
Исто така, на име перосинален данок платен на државата за сите три распределби досега биле исплатени вкупно 22.742.997 денари, односно околу 370.000 евра.
Како потсетување, иницијативата „Супорт Кочани“ која се појави во интернет етерот кога земјата се уште беше во шок од пожарот во Пулс, во кој загинаа 63 младинци и деца, а околу 200 лица беа повредени, стана симбол за поддршка, надеж и несебична помош за оние на кои им е најпотребна во 2025 година. Во срцето на иницијативата се волонтерите, млади луѓе кои во тешките моменти ја обединија заедницата.
В.К.
ДРЖАВАТА НАПЛАТИЛА ОКОЛУ 370 ИЛЈАДИ ЕВРА ДАНОК ОД ДОНАЦИИТЕ ЗА КОЧАНИ КОИ СЕ СОБРАЛЕ ПРЕКУ ИНИЦИЈАТИВАТА ,,SUPPORT KOCANI”!
2 Mins Read

