Некогашниот гигант во производството на никелова руда Еуроникел (поранешно Фени), фабриката за производство на фероникел во Кавадарци која е еден од најголемите индустриски капацитети кој е изграден во Македонија во времето кога бевме дел од Југославија со голем меѓународен кредит, ќе ги враќа работниците на работа.
Информацијата ја соопшти градоначалникот Митко Јанчев, кој истакна дека фабриката пак ќе биде активирана.
-Компанијата Golden Eagle (поранешно ФЕНИ), во првата фаза ќе ги врати на работа 170 работници, по што следува втора фаза со вклучување на дополнителни 500 лица.
Во април е планиран почетокот на производството на никел, при што производствените печки ќе бидат ставени во функција.
Добрата соработка помеѓу Golden Eagle, Општина Кавадарци, како и со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, овозможија оваа фабрика повторно да биде активирана и ставена во функција за доброто на граѓаните и локалниот економски развој, објави Јанчев.
Инаку, со околу 1.000 вработени, компанијата важеше за еден од најголемите работодавачи во земјава.
Деск

