-Јанко ми почина на раце, и ме остави како птица со скршени крила, ни раскажа неговата сопруга Жаклина, набргу по неговата ненадејна смрт, на 63-годишна возраст од разорен инфаркт.
Јанко Узунов (1951-2014) е роден на денешен ден во Валандово. Тој беше поп и фолк пејач, професор и композитор кој зад себе остави над 400 дела. Со сопругата Жаклина поминаа 24 години заедно. Во 2009 година на парот му се случи трагедија, кога го изгубија бебето. Настанот уште повеќе ги зближил, и тие беа неразделни, како приватно, така и на сцената се до смртта на Јанко. Потоа таа продолжи со настапи во ресторан во Берово, и ретко се појавува на телевизија. 
Лани на фолк фестивалот ,,Владимирово” таа отпеа песна која Јанко и ја напишал кратко пред да почине.
–Додека ја пеев баладата ,,Засекогаш” имав чувство дека Јанко од таму некаде, горе, ме слуша, и е среќен што собрав сили да ја отпеам песната, ни кажа Жаклина по фестивалот. Појасни дека песната со години стоела во фиока, а благодарение на Горан Алачки, застанала на сцената и ја отпеала.
Узунов беше познат во јавноста и како Момчето со мандолината, и на 9-годишна возраст започнал да свири мандолина. На фестивалот Опатија, заедно со Цветанка Ласкова во 1976 година исто така пееше за момчето со мандолината.
Подоцна, сестра му му поклонила гитара, па се насочил кон тој инструмент.
Во последните години од животот работеше со своето музичко училиште Узун. Остана запамтен како сестран и талентиран музичар, познат по скромноста.
В.К.

