Сопругата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, Мартина, бара извинување од опозициската СДСМ, бидејќи за нејзината чанта, купена на попуст за 944 денари, објавиле дека е луксузен бренд кој изнесувал 30.000 долари. Као што објави на социјалните мрежи, доколку не веруваат, и самите можат да ја посетат продавницата од каде била купена чантата, а во која се продаваат производи по пристапни цени за обичниот граѓанин.
-Кога се нема аргументи, кога политиката се сведува на политиканство, СДСМ нема да зборува за работите кои се важни за граѓаните, за фактот што е направено за Скопје и Скопјани, туку ќе вмешува семејства, личности кои не се директно во политиката, неретко и нашиот малолетен син и се така за да привлечат внимание.
За волја на вистината, фактите се следни. Мојата чанта не е некакви 30 000 долари како што тврди СДС, ниту е Хермес, туку е купена од продавницата на Obuca Metro Македонија, и тоа на попуст за 944 денари. Истата нема никаква врска со брендот Hermès, ниту по потекло, ниту по цена, ниту по вредност, ниту пак носи натпис на брендот. Доколку не веруваат, може да им ја подарам мојата на увид, а може и самите да ја посетат продавницата, има одлични работи за супер ефтини цени за луѓе кои живеат скромен и чесен живот. Има сѐ уште на располагање од истиот модел на поголема варијанта од малата чанта, тврди сопругата на градоначалникот.
Додава дека обидот преку евтина конструкција да се создаде наратив за „луксуз“ и „аздисаност“ служејќи се со лаги и клевети во најмала рака е безобразно.
-Не е мое да коментирам политички, но вмешувањето на потесно семејство во отсуство на вистински аргументи и ширење на лажни вести не е политика, туку дно.
Барам јавно извинување за изнесените невистини и повлекување на лажните тврдења.
Во спротивно, ќе ги искористам сите правни механизми за заштита на честа и угледот.
Политиката не смее да се води преку лаги и лични дискредитации, порача Мартина Ѓорѓиевски.
Пред три години, и нејзиниот сопруг, додека беше актуелен градоначалник на Општина Кисела Вода се најде во голем број на медиуми со веста дека се појавил на настан со рачен часовник, кој изнесувал околу 8.000 евра.
Според пишувањата, станувало збор за ,,IWC Aquatimer Chronograph IW376803″, редок луксузен часовник, па се доведуваше во прашање скромноста на градоналачникот, како и неговата хуманост во време кога често зборувал за сиромаштијата на граѓаните.
Тогаш, Ѓорѓиевски ни изјави дека рачниот часовник за него имал огромна вредност, бидејќи му бил подарок од сопругата, а цената на истиот изнесувала околу 250 евра.
-Го имам часовникот со години наназад, посебно ми е значаен, бидејќи го добив како подарок од сопругата. Цената му е околу 250 евра. Целата оваа приказна со рачен часовник кој има една баснословна цена доаѓа во време кога се бара начин како да се фрли дамка врз мене, посебно оваа недела, бидејќи очигледно не може да се најде друг начин за да се засени напредокот кој се случува во Кисела Вода, ни кажа градоначалникот пред три години.
В.К.
СОПРУГАТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЃОРЃИЕВСКИ БАРА ИЗВИНУВАЊЕ ОД СДСМ: КАКО ЧАНТА ОД 994 ДЕНАРИ, СТАНА ЛУКСУЗНО ПАРЧЕ ОД 30.000 ДОЛАРИ?!
3 Mins Read

