Сите граѓани кои сведочат на семејно насилство, истото да го пријавуваат во полиција, неколкупати повтори на денешната прес конференција министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Пресот се одржа по повод трагедијата која вчера се случи во Скопје, кога 31-годишната Ивана Јовановски и незјината 6-годишна ќерка починаа по пад од балкон.
Тој откри дека два часа пред настанот, полицијата интервенирала кај Јовановски, бидејќи била добиена пријава за расправија. Посочи дека Ивана изјавила дека немало физички напад и дека во тек е бракоразводна постапка помеѓу неа и сопругот Стојанче Јовановски и не сакала случајот да се третира како семејно насилство.

За сопругот, министерот кажа дека е уапсен поради сомнение за сторено кривично дело. Тој од поодамна и бил познат на полицијата и имало десет пријави против него за насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. По барање на јавен обвинител му биле изречени мерки на претпазливост, односно обврска за јавување во суд.
Изминатите две години имало пријави во полицијата за нарушени односи помеѓу Ивана и Стојанче. Сепак, таа ги повлекувала пријавите, кажа министерот.
-Не треба да продолжи праксата на затворање на предметите, бидејќи жртвите се повлекуваат. Со тоа и на институциите им е сериозен предизвик да го докажат делото.
За секој случај каде ќе има дури и доза на сомнеж, секој кој ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство, ќе биде повикан на разговор во полиција. Дури и потенцијалните сторители ќе бидат повикувани. Јавноста мора да споделува со МВР ако има такви информации, истакна Тошковски.
Откри дека при МВР ќе биде формирано специјално одделение за случаи со семејно насилство, со цел да се спречат трагедии.
Исто така, кажа дека МВР има снимка од истиот ден, на која се гледало како сопругот ја удира жртвата, и ќе се утврдуваат сите околности поврзани со претходните пријави за семејно насилство.
Деск

