Ако го ставеа Усеин зад решетки по пријавата, смртта на Танкица ќе се спречеше, ни изјави нејзина блиска пријателка, набргу по крвавиот настан, кој се случи пред три години во Кочани.
Станува збор за случајот кога Танкица Младеновска (46) беше убиена со 42 убоди од нож од страна на Усеин Рашидов (59) од Кочани, и тоа во раните утрински часови, пред нејзиниот куќен праг, кога тргнала на работа.
-По се што и направи Усеин на Танкица, пресудата доживотен затвор е најмалку што можеше системот да направи за неа и нејзиното семејство. Но, и тоа не е доволно, иако што и да кажеме сега, нема ништо да се промени, нашата пријателка нема да се врати назад.
Она кое сите посебно не погоди е фактот што таа очајно бараше помош, и верувам дека нејзината смрт можеше да се превенира, доколку институциите ја сфатеа сериозно и реагираа соодветно.
Тоа секогаш ќе не мачи, зошто не се спречи смртта на оваа недолжна жена, жртва на еден насилник, уценувач, а сега и ладнокрвен убиец, кој веднаш откако таа го пријави во полиција, требаше да се најде зад решетки. Повикан на разговор и пуштен… ќе има ли одговорност за тој пропуст кој една жена го плати со живот?- раскажуваше пријателката на Танкица, жена чиј идентитет е познат на нашата редакција, а која замоли за анонимност, поради страв од одмазда од страна на роднини на Усеин.
За случајот пишувавме во повеќе наврати. Убиецот бил колега на жртвата и седум години и се заканувал дека ќе објави нејзина компромитирачка фотографија, константно изнудувајќи пари од неа.
Кога конечно се охрабрила и го пријавила случајот во полиција, Усеин уште повеќе се разгневил, а неговиот гнев на крај резултираше со убиство на жената.
По неколку месеци, Усеин изврши самоубиство во ќелијата во кумановскиот затвор.
Како и тогаш, така и сега, по случајот со мајката – жртва на семејно насилство од Скопје, која заедно со 6-годишната ќерка почина по пад од зграда, актуелни се истите јавни реакции – Зошто институциите не го препознале ризикот на време, и зошто не се реагирало соодветно, со цел да се пружи ефективна заштита на жртвата.
Се бара воспоставување на систем за превенција, и координирано постапување на институциите, со цел обезбедување навремена заштита и поддршка за жртвите.
По повод трагичниот настан во Скопје, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека при МВР ќе биде формирано специјално одделение за случаи со семејно насилство, со цел да се спречат трагедии.
В.К.

