Светот на филмот наскоро ќе добие приказна за создавањето на еден од своите најисконските класици. Како што пренесува Variety, во подготовка е биографска драма за снимањето на филмот Breakfast at Tiffany’s од 1961 година, а улогата на Одри Хепберн ќе ја толкува Лили Колинс, која воедно ќе биде и продуцентка на проектот.
Станува збор за филм кој нема да биде рeмејк, туку поглед зад кулисите на создавањето на остварувањето што ја дефинираше елеганцијата на една епоха. Проектот е заснован на книгата Fifth Avenue, 5 A.M.: Audrey Hepburn, Breakfast at Tiffany’s and the Dawn of the Modern Woman од Сем Васон, која детално истражува како настанувал филмот што го промени начинот на кој Холивуд ја прикажуваше женската независност и урбаната софистицираност.
Сценариото го потпишува Алена Смит, авторка на серијата Dickinson, додека името на режисерот сè уште не е официјално објавено.

Во центарот на приказната ќе биде напнатиот однос меѓу студиото Paramount Pictures и писателот Труман Капоти, автор на новелата според која е снимен филмот. Капоти јавно изразувал незадоволство од изборот на Одри Хепберн за улогата на Холи Голајтли, бидејќи сметал дека ликот бил напишан за Мерилин Монро.
Таа кастинг-дилема станала дел од поширока расправа за тоа како Холивуд ги менува книжевните ликови за да ги прилагоди на сопствената естетика и пазар. Филмот, според наводите од индустријата, ќе ги прикаже и неизвесните моменти од сетот, вклучително и техничките инциденти за време на снимањето на прочуената воведна сцена пред златарницата Tiffany во Њујорк.
Покрај Хепберн, во приказната ќе се појават и ликовите на Блејк Едвардс, легендарната костимографка Едит Хед и самиот Капоти, со што се отвора простор за слоевита слика на креативниот процес зад гламурот. Продукцијата ја предводи куќата Imagine Entertainment, со продуцентот Брајан Грејзер и соработници, а вклучени се и компаниите Case Study Films и Felix Farmer Productions.
Проектот обединува силен тим зад камерата, што зборува за амбицијата да се раскаже приказна која ја надминува носталгијата и нуди сериозен увид во историјата на Лили Колинс со голем ентузијазам говори за овој проект, нагласувајќи дека го доживува како длабоко личен и професионално важен чекор во кариерата.
Веста за филмот ја сподели и со следбениците на Инстаграм, истакнувајќи колку ѝ значи можноста да ја оживее приказната за Одри Хепберн и создавањето на еден од најомилените филмски класици:
„По речиси 10 години развој и цел живот воодушевување и обожување кон Одри, конечно можам да го споделам ова со вас. Зборовите ‘почестена’ и ‘пресреќна’ не можат ни приближно да опишат како се чувствувам…“
За Лили Колинс, најпозната по серијата Emily in Paris и улогите во филмови како Mank, ова е досега најпредизвикувачката задача. Да се толкува Одри Хепберн значи да се влезе во просторот меѓу митот и вистинската личност, меѓу елеганцијата и дисциплината што стоела зад неа.
Ако филмот успее да ја прикаже таа рамнотежа, публиката би можела да добие не само приказна за еден филм, туку и портрет на жена која стана симбол на модерниот стил.
Б.Н.

