Босонога побегнала од болница кога дознала за смртта на детето, со песна си ги лекуваше раните… Васка Илиева, една од ретките на сцената која секогаш пееше во живо, и која народот со право ја нарекуваше Мајка на македонската изворна песна, остана запамтена по неверојатниот глас, но и по тешкиот живот.
Годинава на 4 мај се навршуваат 25 години од нејзината смрт, и е единствената од домашната естрада која ја имаше честа да пее пред Тито, Марија Калас, Черчил, кралицата Елизабета…

Се омажила доста млада, на 17 години, и се вработила во ,,Танец”.
Нејзиниот сопруг не бил задоволен што таа решила да се посвети на музиката, да оди на турнеји и да настапува, за што таа раскажа во едно интервју.
-Се бараа солисти во ,,Танец”, бевме многу сиромашни и морав да работам. Сопругот не ме пушташе да одам на турнеја, иако татко ми ме поддржа. Заминав на турнејата која траеше еден месец, а по враќањето сопругот ми ги зеде парите и ми ја искина носијата. Сепак, по некое време јас пак му се вратив на пеењето – раскажуваше музичката легенда.
Нејзиното дете го видела само еднаш, по породувањето, а потоа и кажале дека починало. Кога ја слушнала веста, босонога и избезумена побегнала од болницата.
Илиева не криеше дека целиот живот ја мачело прашањето на кое не добила одговор, што се случило и од што починало новороденчето, а длабоко во себе верувала дека синот и е жив. Токму поради таа траума, се свртела целосно кон песната.
Во своите четириесетти години се разведе од сопругот Кице Илиев, а се омажи за Ристо Глоговац, кој беше воено лице. И бракот со него не траел долго, па по неколку години се разделиле.
Почина пред 25 години, од мозочен удар во својот дом на 78-годишна возраст, додека се подготвувала за снимање на одбележување на смртта на Гоце Делчев.
Пред три години, во чест на 100 години од нејзиното раѓање, се одржа концерт насловен ,,Песната, судбината”.
Деск

