Македонски бенд и бренд МИЗАР ќе одржи ексклузивен, интимен концерт на 3 април во Македонската филхармонија, со специјална „best of“ програма, најави Авалон Продукција.
-Под мотото „Најдоброто од Македонија”, на концертот ќе бидат изведени теми од целиот богат опус на еден од најкултните бендови, не само во македонската музика, туку и во и за македонската култура; теми од „Мизар“, „Кобна убавина“, ,,Свјат Dreams”,„Детето и белото море“, ,,Поглед кон цветната градина”, ,,Вечна празнина”…
На концертот ќе се придружат и специјални гости и музичари кои во изминатите 45 години имале свој удел и оставиле значаен белег во приказната на МИЗАР, објавија од Авалон.
Инаку, бендот деновиве е актуелен со нивната нова извонредна песна „Вардар е Стикс“.
За Мизар во 2014 година е снимен краткометражниот документарен филм „Мизар – ѕвезда на надежта“ чиј автор е Марко Џамбазоски. Ова е воедно и првиот документарен филм за Мизар, кој го раскажува почетниот, можеби најнепознатиот период на Мизар, од 1981 година до снимањето на првиот албум во 1988 година.
Покрај овој филм, за „Мизар“ се говори и во документарниот филм на Владимир Петровски – Картер, „Македонскиот рокенрол“, којшто сведочи за целокупната македонска рок сцена од нејзиното настанување па сè до 2000-тите години. Филмот беше прикажан на меѓународниот филмски фестивал „Синедејс-М“ во Скопје.
Името на групата, Мизар, на арапски јазик значи: ѕвезда-водилка која на патниците им помага да не се загубат во пустината.
Б.Н.
Previous ArticleНАЈАВЕНО 23-ТО ИЗДАНИЕ НА ДЕТСКИОТ ФЕСТИВАЛ ПОТОЧИЊА

