Пензионерка од Кавадарци и кавадарчанец на возраст од 56 години останале без поголема сума на пари, во два одделни случаи, кои вчера ги пријавиле во полиција. Како што информираат од полицијата, жената им дала на измамници околу 5.000 евра, за наводна операција на нејзината ќерка, а пак измамениот маж дал на измамници 4.900 евра, за наводно инвестирање на берза.
-Вчера во 21:00 часот во ОВР Кавадарци, 81-годишна кавадарчанка пријавила дека била измамена за сума од 300.000 денари. Според пријавеното, едно лице ја контактирало телефонски, се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка во моментот е во болница со скршеница и треба да се изврши оперативен зафат за што требало да плати. Како што е пријавено, откако се договориле, излегла пред својот дом и парите му ги дала на машко лице, а подоцна сфатила дека е измамена, соопштија од полицијата, од каде додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
За вторито случај пак, вчера во 13:30 часот во ОВР Кавадарци, 56-годишен кавадарчанец пријавил дека бил измамен од неколку лица за сума од 4.900 евра.
Според пријавеното, тој преку интернет контактирал со лицата, кои се претставиле дека се од странска компанија и го навеле да ги уплата парите на компанијата и на тој ќе инвестира во берза.
Како што е пријавено, тој во неколку наврати ги уплатил парите, а подоцна лицата побарале да изврши дополнителна уплата од 10 000 евра за да може да изврши поврат на парите што ги вложил, со што сфатил дека бил измамен.
Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија од СВР Велес.
Деск

