Маја и Ира, ќерките на доајенот на македонското глумиште, Марин Бабиќ (1947-2022), го исполнуваат неговиот аманет. Со љубов и посветеност, по повеќегодишна пауза, една година по неговата смрт, тие и го вратија на македонската публика шоуто ,,Глумците пеат” – спој на театар и музика, проект кој во 1990-те го создаде нивниот татко.
-Боем во душата, заљублив по вокација, радиопријател во ноќта, одличен говорник на поезија. Голем гурман и одличен готвач, кој дури и ме научи да пијам со мерка. Животот му беше театар, а театарот живот, во буквална смисла на зборот.
За разлика од неговиот непредвидлив живот, заминувањето како да му беше смислено од почеток до крај. Како вистински да се потруди да не нѐ истрауматизира со неговата болест, но ни остави доволно време да станеме свесни дека заминува. Беше бескрајно спокоен и така замина, во сон. Целосно се погрижи да не ги измалтретира неговите девојчиња, кажа Маја на неговото последно испраќање.
Веќе наредната 2023 година, Маја и Ира го возобновија шоуто, кое донесе нова позитивна енергија на сцената, а се одржува еднаш годишно.
Најновото издание на манифестацијата ќе се одржи на 24 и 25 март во МНТ, и традиционално ќе започне со препознатливиот глас на Марин Бабиќ, со снимка од некогашните „Глумците пеат“.
Деск
МАЈА И ИРА ГО ИСПОЛНИЈА АМАНЕТОТ НА ТАТКО ИМ, МАРИН БАБИЌ: ДОАЃА НОВОТО ИЗДАНИЕ НА ШОУТО ,,ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ”
1 Min Read

