Ива Матиќ (37) од Скопје е првата жена пилот во Wizz Air од Македонија и со секој нов лет, таа не само што ги пренесува патниците до нивните дестинации, туку и испраќа силна порака дека жените имаат еднакво место во сите професии – па и во пилотската кабина, високо над облаците.

По повод Меѓународниот ден на жената, авиокомпанијата Wizz Air реализираше симболичен лет со целосно женски екипаж на релацијата Скопје – Братислава, со порака за улогата и можностите на жените во авијацијата. Ива заедно со својата колешка Мартина Стивенс го управуваше авионот што слета на аеродромот во Братислава, а покрај пилотскиот тим, целиот кабински екипаж беше составен од жени: Ружица Петрушевска, Сара Насевска, Моника Ристевска, Нора Смилевска и Алекс Трајковска. Информацијата за овој симболичен лет е објавена на официјалната страница на Аеродромот Братислава.
Инаку, Матиќ е дипломиран инженер и магистер по електротехника (област компјутерско системско инженерство и автоматика) на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Има завршено обука за воен пилот во Армијата на Република Македонија, завршена обука за комерцијален пилот на патнички авион во Литванија и Шпанија, и завршена обука за тип на авион Airbus A320/A321 во Тулуз, Франција.
Моментално работи како пилот во авиокомпанијата Wizz Air од октомври 2021, а од септември 2022 е базирана во Скопје.
Иако бројот на жени пилоти постепено расте, тие сè уште се малцинство во воздухопловната индустрија. Според податоците од меѓународните воздухопловни организации, жените сочинуваат мал процент од вкупниот број пилоти во светот. Сепак, нивното присуство постојано се зголемува.
Деск

