Трет ден Дејан Јанков од Свети Николе штрајкува со глад пред светиниколската полиција и бара одговори за неговата сопруга Злата, која исчезна среде бел ден на 16-ти јуни 2024 година од село Орел, кога од нивната викендичка тргнала да си оди дома.
За ВИКИМЕДИА Јанков вели дека иако не е лесно веќе три дена без храна, нема намера да се откаже, дури и по цена на живот. На овој чекор се одлучил, откако речиси две години чекал конкретни одговори од надлежните институции, но не добил ниту еден одговор, ниту пак имало било каков напредок во истрагата за исчезнувањето на Злата.
-Овде сум деноноќно и не отстапувам, дури и по цена на мојот живот. Две години сме во агонија, јас и синовите, никој не даде ниту еден одговор за случајот. Како се води истрагата, зошто мојата сопруга е заборавена од институциите, колку пропусти се случиле за да не може да се дојде до ниту еден траг?
Овде со мене е и брат ми, тој спие во неговиот автомобил, покрај мене е за да внимава да не ми се случи нешто, а секако и како моја поддршка. Верувајте, оставен сум тука сам, никаков интерес од никого нема, никаква грижа за обичниот граѓанин кој е заборавен од институциите.
Првиот ден кога го започнав штрајкот, дојде да разговара со мене командирот од станицата во Свети Николе. Ме праша дали сакам да разговарам со командирот на штипската полиција, му кажав дека со разговор не ме убедуваат да го прекинам штрајкот, а ќе разговарам единствено ако има некој нов траг во истрагата. Да слушам дека се работи на случајот, а нема конкретни резултати, не сакам повеќе. После тоа, веќе никој ми се нема обратено.
Одговори ми требаат од институциите, кои земаат плата за да си ја работат својата работа како што треба. Овде очигледно, не се работело како што треба, инаку Злата ќе беше најдена, оти не е ова игла во сено, возрасна жена е, вели Јанков.
Уште од самото исчезнување на тогаш 45-годишната Злата, Дејан во повеќе наврати апелираше до службите да дадат максимум во пронаоѓањето на неговата сопруга, со која имале хармоничен живот, и како што вели, ниту имале непријатели, ниту пак со некого биле скарани.
Прашува зошто не е пронајден нејзиниот мобилен телефон, ниту пак е пронајдено возилото кое дента кога Злата исчезна било забележано во селото од страна на мештани, а во кое според кажувањата имало две жени.
Дали истрагата потфрила од самиот почеток, и дали нема доволно интерес и искуство од страна на надлежните служби кога се работи за исчезнати лица, прашува овој човек, кој иако е веќе исцпрен поради гладувањето, вели дека ова била последната опција која му преостанала за да го сврти вниманието на институциите и јавноста кон случајот, кој паѓа во заборав.
Вики Клинчарова
ТРЕТ ДЕН ШТРАЈКУВА СО ГЛАД СОПРУГОТ НА ИСЧЕЗНАТАТА ЗЛАТА: НЕ СЕ ОТКАЖУВАМ ДУРИ И ПО ЦЕНА НА МОЈОТ ЖИВОТ!
3 Mins Read
Previous ArticleНЕ БЕШЕ ДО ТОЛКУ ЛОШО, НО НЕ БЕШЕ НИ СОСЕМА СИГУРНО ВО ДУБАИ, КАЖАА ДЕЛ ОД ЕВАКУИРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ
Next Article ОД ПРВИ МАЈ СЕ НАМАЛУВААТ ЦЕНИТЕ НА НАД 300 ЛЕКОВИ

