Веста која вчера ја објави граѓанскиот активист Суад Мемини, дека тој и неговиот син Исак ја донираат куќата на нивната почината сопруга и мајка Азбија Мемедова, со цел истата да стане засолниште за лица од ранливи категории, го привлече вниманието на широката јавност.
Хуманиот гест наиде на голема поддршка и е потсетник дека и во најтешките времиња, човечноста не исчезнува.
Азбија Мемедова почина лани, во декември, на 56-годишна возраст. Во земјава останува запаметена истакната македонска активистка, социолог и долгогодишен борец за човекови и детски права, со посебен фокус на правата на Ромите.
Од Првата детска амбасада во светот Меѓаши, за неа раскажаа настан од пред 15 години, кога за првпат дошла во нивните простории.
-Сликата од еден момент сѐ уште ни е пред очи: Азбија ја забележа скулптурата/каса од Бушавко, дело на Исмет Рамичевиќ, се заинтересира за неговото значење и кога завршивме со објаснувањето и се оддалечивме таа дискретно, достоинствено – остави пари внатре мислејќи дека никој не ја гледа, објавија неодамна од Меѓаши, спомнувајќи ја Мемедова како жена која се борела со визија и директна работа со деца.
Азбија беше долгогодишна извршна директорка на Ромскиот ресурсен центар (РРЦ) и членка на управни одбори на реномирани организации, вклучително и во иницијативата за Роми на Фондацијата Отворено општество. Опишувана е како „жена херој“ и лидер со прогресивни идеи која посвети голем дел од својот живот на социјалната правда и маргинализираните заедници.
Организацијата што Азбија ја водеше со години останува столб на ромскиот активизам во Македонија преку директна борба против дискриминацијата и работа на терен за системски промени.
Се залагаше ромските ученици и студенти за да добијат еднаков пристап до квалитетно образование и работеше на проекти за вработување и подобрување на условите за живот во ромските населби.
В.К.

