Семејната вила Лав на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, лоцирана во приморското село Бале, во близина на Ровињ, Хрватска, често ги полни страниците на тамошните медиуми. Ја опишуваат како Истарска оаза и место на кое ќе посакате да го запрете времето. Со пофални зборови се пишува за рустикалната архитектура на вилата, за големата градина со отворен базен, како и за сместувачките капацитети – романтични соби и пространата куќа позната како Вила Ката.

За ресторанот во вилата Лав пак, појаснуваат дека веќе 20 години испишува кулинарска историја, со храна која има историја и душа: македонско тавче-гравче подготвено во земјан лонец, јагнешко под вршник, свежа риба на жар и домашен леб кој се служел за гостите уште додека бил топол, штотуку изваден од фурна.
Инаку, вилата Лав на семејството Бошкоски постои од 1990 година, а сопругата на Љубе, Виолета, неретко е опишана како прав мајстор во кујната, и гостите во многу наврати и одаваат признание за кулинарските вештини, објавувајќи фотографии од нејзините специјалитети на социјалните мрежи. Таа и во времето кога Љубе беше во затвор, посветено се грижела за вилата која во Хрватска е популарна дестинација на бројни јавни личности, од музичари до спортисти.
Љубе, кој помина околу 11 години во затвор, изминатиот период е повлечен од политичката сцена и се нема појавено во јавност околу три години, откако Основниот кривичен суд Скопје во февруари 2023 година донесе ослободителна пресуда за него во повтореното судење за случајот „Кампања“ во кој беше обвинет за нелегално финансирање на изборна кампања како лидер на партијата Обединети за Македонија во 2011 година.
Во 2020 година пак, Европскиот суд за човекови права пресуди дека на Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење во однос на повикување и испитување на сведоци и согласно Европската конвенција за човекови слободи и права, и му беа исплатени 4.500 евра за нематеријална штета и 1.220 евра за трошоци и расходи, исто така за случајот ,,Кампања” за кој одлежа пет години затвор во Идризово.
В.К.

