-Болките не поминуваа, па заминав на преглед, мислејќи дека се работи за некоја потешка настинка. Од еден преглед на друг, од една клиника до друга, стигнав до Скопје. Дијагнозата – рак на простата, со метастази на коските, ни раскажа неколку месеци пред смртта легендарниот рок музичар Симеон Иванов – Канго.
На денешен ден, пред осум години тој ја загуби битката со злокобната болест на 66-годишна возраст. Во јавноста остана запаметен како уникатен уметник, посветен на македонскиот рок, се до последниот здив.
Во последното интервју со него, ни кажа и дека воопшто не се исплашил кога ја слушнал дијагнозата.
-Не заминувам туку-така, ќе се борам до последен здив. Имам многу желби, многу планови, многу причини за живот… Се надевам дека додека сум жив, ќе дочекам моето дело да биде признато како што доликува. Џабе е по нечија смрт некому да му се доделуваат постхумни признанија, човекот треба да се цени додека е жив, да почувствува дека создал нешто, дека направил некаква позитивна промена во општеството, ни изјави Канго пред осум години.
Професионално, остави длабок траг во македонскиот рок, приватно пак, беше посветен на семејството, на сопругата Љубица за која неретко кажуваше дека е љубовта на неговиот живот која ја запознал во цутот на нејзината младост, кога имала 18 години, како и дека е горд на трите ќерки и внуците.
В.К.

